Quantcast
Channel: Култура –А1он
Viewing all 8033 articles
Browse latest View live

Ретроспективна изложба на Крунислав Стојановски

$
0
0

Македонскиот академски сликар Крунислав Стојановски, кој речиси 30 години живее и работи во Загреб, вечер во Музејот на град Скопје ќе ја отвори својата прва ретроспективна изложба насловена како „Циклуси“.

Со оваа постановка тој одбележува 20 години творечка работа. Авторот за првпат во својот роден град се претставува со најголемиот број дела од неговиот целокупен минат труд. На изложбата ќе бидат претставени слики поделени во осум творечки циклуси.

На изложбата во Скопје, ќе бидат прикажани голем дел од 400-те слики, кои се донесени од Загреб. Селекцијата ја направија Соња Абаџиева, нашата ценета историчарка по уметност и самиот автор. Сликите се поделени во 8 циклуси, на кои авторот работи во континуитет низ дваесет години. Најголемиот дел од нив се со експресивен карактер.

– Оваа изложба ми е од најголемо значење, затоа што е моја прва голема сликарска постановка во мојот роден град. Ова е ретка можност да се види добар дел од моето творештво, особено сликарскиот сегмент, на кој редовно му се навраќам, и физички и низ своите дела, зошто во сликите лесно се чита македонскиот ген и константната носталгија, вели авторот Стојановски.

Тој се занимава со сликрство, цртеж, изработка на амбиентални инсталации, фотографија, видео, пишување и едукација. Темите што преовладуваат во неговото уметничко творештво се оние што имаат социјална, хуманистичка, еколошка и политичка конотација, со посебен акцент на поединецот и на неговата улога, на можностите и на значењето во глобалното општество.

Своето творештво го има претставено на повеќе од 40 самостојни изложби во Загреб, Пореч, Грожњан, Макарска, Осијек, Ријека, Ѓаково, Пакрац, Задар, Виена, Хелсинки, Скопје, Берлин, Торино и Ротердам.


Во Велес македонска премиера на „Блесок“ на Скопје танцов театар

$
0
0

На големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ синоќа се одигра македонска премиера на претставата „Блесок“ на Скопје танцов театар, во кореографија на Валентино Апостоловски, Андријана Андреева и гостинот од Италија Антонело Тудиско.

Во еден здив со брзо темпо на сцена беше одиграна современа танцова претстава со прекрасна различна музика, а во три дела: „Кој и да е..“ за човекот и стравот, „170 степени“ за човекот кој се обидува да го најде своето место „под небото“ и „Chiaroscuro“ за човекот – уметник. во кореографија на Валентино Апостоловски, Андријана Андреева и гостинот од Италија, Антонело Тудиско.

Во „Блесок“ настапија и добија долг и силен аплауз од велешката публика: Валентино Апостоловски, Матеа Киселичка, Адријана Данчевска, Симона Спировска, Андријана Андреева, Александра Петрушевска, Анастасија Данчевска, Јакуб Мунко, Дејан Битровски и Тринга Хуса.

По премиерата во изјавата за МИА Рисима Рисимкин уметнички директор на Скопје Танцов Театар, изјави дека е презадоволна од настапот посебно од реакциите на публиката, која со одушевување зборувала за претставата.

– Воедно во еден дел од претставата своја прва кореографија и деби имаше една од нашите танчерки сега веќе и кореограф Андријана Андреева, а која покажа една голема зрелост во нејзината прва кореографија,потенцира Рисимкин.

Рисима оцени дека со оваа танцова претстава воедно завршуваат уште една од нивните успешни години и секогаш се трудат да бидат што подобри.

Андријана Андреева танчер и кореограф, изјави дека е презадоволна од претставата посебно од танчерите.

– Тие ги следеа моите инструкции и целосно се посветија на мојата идеја преточена во игра. Најбитен ми беше процесот за тоа како ќе го изработиме делото бидејќи се работи за страв, а сите ние го имаме во себе тоа природно чувство. Им велев да се водат по својот сопствен страв за да можат да го искажат тоа на сцена и сега сум презадоволна како сето тоа го изведоа на сцената, потенцира Андреева.

Кореографот Антонело Тудиско од Италија, вели дека е многу задоволен од првиот впечаток во изведбата на претставата пред публиката.

– Играта со една група танчери е еден вид на процес, а кој јас веќе успешно го започнав и планирам да го продолжам и со други успешни кореографии со танчерите од Скопје Танцов Тетар, најави Антонело Тудиско.

Рисима Рисимкин најави дека по Велес, оваа танцова претстава „Блесок“ ќе биде изведена во Скопје, а идната година планираат и гостување во Италија и Германија.

Изложба на фотографии „Замоци, дворци и споменици на УНЕСКО во Република Чешка“

$
0
0

Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложбата на фотографии насловена „Замоци, дворци и споменици на УНЕСКО во Република Чешка“.

Изложбата ја отвори чешкиот амбасадор Мирослав Рамеш во присуство на градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.

Амбасадорот Рамеш истакна дека целта на изложбата е да се претстават културните знаменитости на Чешка, а нејзиното презентирање е резултат на одличната соработка меѓу двете земји и на градот Велес со Амбасадата на Република Чешка.

Тој потсети дека Чешка изобилува со замоци и споменици, а 12 од нив се заштитени и од УНЕСКО.

Директорката на Народниот музеј од Велес, Елка Николова потсети дека ова е уште една изложба во рамки на манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“.

– Приказните за замоците и дворците раскажани преку записите на фотографиите доближуваат еден период од средновековната историја на Чешка т.н. мрачен период во Европа, период на непријателства, војни и рушења, но и период на изградба на прекрасни објекти кои воодушевуваат со начинот на својата градба и монументалност и кои денес се заедничко културно наследство во светски рамки, потенцира Николова.

Сан Себастијан и Вроцлав –европски престолнини на културата во 2016-та

$
0
0

Шпанскиот град Сан Себастијан и полскиот Вроцлав ќе ја делат титулата „Европска престолнина на културата“ во 2016 година. Ја преземаат од белгискиот град Монс и чешкиот Плзен кои годинава го славеа европското културно наследство.

Фестивали, изложби, филмови, претстави се меѓу повеќето настани во Сан Себастијан, кои ќе ја промовираат културата и образованието како инструменти на социјална трансформација. Организаторите очекуваат дека градот, кој за проектот се подготвува од 2011 година, ќе биде цел на вљубеници во културниот туризам.

Мото и основна идеја на кандидатурата на градот во трката за титулата е „Бранови на енергија“ со порака дека луѓето и мобилноста се вистинската движечка сила за промените во светот, односно ја имаат водечката улога во наоѓањето решенија за новите глобални предизвици.

Сан Себастијан е пристаништен град во северна Шпанија, во покраината Баскија, и главен град на провинцијата Гипуско. Познат е и како Доностија според баскискиот назив.

Трговијата и турзимот му се главни дејности, така што градот е меѓу поважните дестинации во Шпанија и во Европа. Препознатлив е по архитектурата, а за неговата меѓународна афирмација придонесе и Интернационалниот филмски фестивал во Сан Себастијан.

Вроцлав, пак, е град во југозападна Полска кој се простира од двете страни на реката Одра. Низ градот течат четири нејзини притоки и има околу двесте моста. Градот првпат се спомнува во 1000 година при основање на Вроцлавската бискупија.

Низ историјата бил во состав на Хабсбуршката монархија, потоа под власт на Присуја кога добил статус на кралски главен и резиденцијален град. По Втората светска војна влегол во состав на Полска.

Европските филмски награди, сценски изведби во театарот Олимпијад и средбата на европските хорови се само неколку од културните настани кои идната година ќе се одржуваат во Вроцлав. Планирани се стотици различни културни случувања во рамки на програмата која организаторите ја соопштија во јуни, кога посочија дека 2016 ќе биде најзначајна година во поствоената историја на градот.

Слогани на проектот „Вроцлав – Европска престолнина на културата 2016“ се „Простори за убавина“ и „Метаморфози на културата“ – што го нагласува мултикултурниот идентитет на Вроцлав.

Европската комисија секоја година одредува почесен домаќин на овој проект. Традицијата почна во 1985 година, кога Атина беше културна престолнина на стариот континент. Целта е да се промовира чувството на заедништво во ЕУ, но на лауератот тоа му носи и пари од европските фондови, со што земјиште можат да финансираат големи проекти и програми од областа на културата. Критериум за избор е подготвеноста на градот да ги организира случувањата кои траат цела календарска година.

За изборот решева независна меѓународна комисија во Брисел, а одлуката ја носи четири години однапред. Неа ја разгледува и Европскиот парламент, а ја изгласува Советот на ЕУ.

Во 2017 година престолнини на културата во Европа ќе бидат Орхус (Данска) и Пафос (Кипар), во 2018 – холандскиот град Леуварден и главниот град на Малта, Валета, во 2019 – италијанскиот Матера и бугарскиот град Пловдив.

Скопје се подготвува да аплицира за европски град на културата

$
0
0

Град Скопје денеска организираше работилница во врска со иницијативата Скопје да биде европска престолнина на културата – титула за која се аплицира во Европската комисија.

Работилнилницата насловена „Значењето на титулата ’Европска престолнина на културата’ и нејзиниот придонес за културен и општ развој на градот“, е прва организирана активност откако Град Скопје минатата година донесе одлука градот да поднесе апликација за титулата, а во септември оваа година беше формиран и иницијативен одбор.

Претставници од четири града во регионот кои се избрани да бидат или се во поодмината фаза на подготовка за да аплицираат за европски престолнини на културата (Пловдив, Нови Сад, Риека и Љубљана) во текот на денов ќе разменат мислења и искуства за сите фази на тој долготраен процес.

Беше промовирано и логото за евентуалната кандидатура на Скопје (Скопје 2027), иако 2027 е само почетна цел на иницијативниот одбор за да се остави простор, бидејќи се потребни десетина години подготовителен период, а апликацијата се поднесува шест години пред годината за кога се планира носењето на титулата. Како град од земја која е кандидат за членство во ЕУ, според пропозициите на ЕК, Скопје може да се пријави за годините 2024, 2027, 2030 и 2033.

Отворајќи ја работилницата, скопскиот градоначалник Коце Трајановски истакна дека за да се оствари оваа цел, покрај инфраструктурни и човечки капацитети, потребна е и политичка подготвеност и волја да се прифатат европските и светските трендови и новитети во културата и нејзиниот третман како приоритетна област во развојот на градот.

– Наша цел е да покажеме спремност и стремеж градот Скопје во наредните две години да ги постигне следните цели: преземање низа активности за зголемување на турзимот и развојот на креативните индустрии, подигнување на меѓународната соработка и повисок степен на културен развој на градот, рече Трајановски, додавајќи дека инфруструктурата во областа на културата е унапредена со големиот број новоизградени и реновирани објекти во главниот град во кој, исто така, се одржуваат и повеќе манифестации и фестивали.

Претседателот на Иницијативниот одбор на проектот „Скопје – европски град на културата“ Бранислав Саркањац зборуваше за економските бенефити на некои од 52 града кои биле носители на титулата.

– Значењето ќе биде огромно и градот ќе добие многу, не само во таа година во која се надеваме дека ќе биде европски град на културата, туку воопшто во сите фази додека се дојде до титулата. Тоа ќе значи развој на градот на економски и на културен план. Ќе се зголеми бројот на турсисти, градот ќе се интернационализира, ќе биде повидлив и попрепознатлив, рече Саркањац.

Како пример го посочи Лил – град на културата во 2004, кога на едно вложено евро јавни пари во проектот, на градот му се вратиле осум евра, во унгарскиот Печуј во 2010 година бројот на туристи бил зголемен за речиси 30 отсто, во проектот за Марсеј во 2013 се влеани 16,5 милиони евра од преку 200 приватни компании, во малиот белгиски град Монс (кој оваа година ја делеше титулата со Плзен) за овој проект се изградени пет музеи…

Саркањац истакна дека апликацијата не може да ја прави градот сам, туку треба соработка и размена на искуства со други градови и партнери низ Европа. Во Македонија, пак, рече тој, од самиот почеток е потребна широка платформа за иницијативата и вклученост на креативниот потенцијал на што повеќе луѓе – од бизнис-заедницата, невладиниот сектор, уметници, ученици и деца кои ќе волонтираат со различни проекти.

Почнувајќи од 1985, Европската комисија секоја година одредува почесен домаќин на титулата „Европска престолнина на културата“, со цел да се  промовира чувството на заедништво во ЕУ. За изборот решева независна меѓународна комисија во Брисел, а одлуката ја носи четири години однапред. Неа ја разгледува и Европскиот парламент, а ја изгласува Советот на ЕУ.

Во 2016 година престолнини на културата во Европа ќе бидат Сан Себастијан (Шпанија) и Вроцлав (Полска), во 2017 година титулата ќе ја делат Орхус (Данска) и Пафос (Кипар), во 2018 – холандскиот град Леуварден и главниот град на Малта, Валета, во 2019 – италијанскиот Матера и бугарскиот град Пловдив.

Промоција на книгата „Од збор до збор“ на Тихомир Јанчовски

$
0
0

Промоција на печатеното издание на книгата „Од збор до збор“ на Тихомир Јанчовски ќе се одржи вечер во кафе книжарницата „Децата од нашата улица“ во Скопје.

Книгата го имаше своето електронско издание во 2013 година. „Од збор до збор“ е избор од досега објавената поезија на авторот. За книгата ќе зборува Владимир Мартиновски. Стихови ќе читаат Зоран Тортевски, Јовица Ивановски, Ѓоко Здравески, Бојан Марина, Милош Б.А. и други. 

По промоцијата ќе следи музички дел во кој специјални гости се Добрила Грашеска и Драган Гиновски.

Објавен нов број на списанието „Македоника“

$
0
0

Друштвото за издавачка дејност „Македоника Литера“ од Скопје објави нов број на списанието „Македоника“. Во бројот 13 се публикувани повеќе текстови тематски поврзани со Македонија.

Стожерен текст во овој број е студијата на Ранко Младеноски „Суштинските дилеми за историјата и културата на античка Македонија“, во кој пишува за многуте отворени прашања поврзани со историјата на античка Македонија кои долго време се тема за полемизирање меѓу историчарите.

Во овој број на „Македоника“ е објавен текстот на Драган Зајковски за христијанските маченици во Македонија од времето на императорите Диоклетијан и Галериј, а Драган Ѓалевски пишува за улогата и влијанието на христијанството во обликувањето на византиското војување. Зоран Спасовски пишува за денешниот директен наследник на латинскиот јазик во контекстот на историјата на јазиците на балканските простори, а Владимир Јанев за ционистичкото движење во Македонија (1899-1912). Александар Симоновски ја отвора темата за српското четничко движење во Македонија во Втората светска војна, односно за судењето и егзекуцијата на Миливој Трбиќ.

Марјан Иваноски и овојпат изнесува нови сознанија за најпознатиот македонски дисидент Драган Богдановски, осврнувајќи се на некои негови активности во затворот „Идризово“ (1979-1987). Волф Ошлис, кој од овој број е главен уредник на „Македоника“, пишува за еден стар, досега кај нас непознат германски роман, тематски посветен на Македонија – „Љубов во Скопје. Стефан Влахов Мицов пишува за книгата на Васил Тоциновски посветена на познати македонски емигранти интелектуалци кои живееле во Варна – „Варна на мојата младост“.

И во овој број се објавени библиографски информации за повеќе нови изданија поврзани со македонската култура и историја, а е објавен посебен библиографски прилог (за книги статии и географски карти) на Соња Стрезоска – Велјаноска за странските автори кои пишувале за Македонија во периодот од 1940 до 1945 година.

Отворена изложбата „Вечер на стрелците“ во општина Илинден

$
0
0

Во Домот на културата „Илинден“ во општина Илинден отворена е традиционалната изложба „Вечер на стрелците“. Изложбата која се одржува веќе седум години, а втора година по ред во Домот на култура „Илинден“, ја отворија академските сликари Новица Трајковски и Тања Таневска.

Присутните имаа можност да видат дваесетина дела од десетина сликари како Новица Трајковски, Димитар Малиданов, Владимир Бороевиќ, Климе Коробар, Никола Ганевски Нино, Тања Таневска, Стефан Јакимовски и други.

Повод за изложбата „Вечер на стрелците“ што секоја година се отвора на 21 декември, е хороскопскиот знак „стрелец“. Сите сликари што учествуваат на оваа традиционална изложба се припадници токму на овој хороскопски знак.

Изложбата ќе биде отворена до големиот православен празник Божик.


Новогодишен книжевен огномет во Или-или

$
0
0

Од утре, среда, (23 декември), па се до 16 јануари, во книжарницата „Или-или“ ќе се одвива шестото издание на Новогодишниот книжевен огномет во чии рамки читателите ќе можат да ги купат изданијата на издавачката куќа Или-или со попусти од 20 до 70 отсто.

– Со ова на домашните библиофили им даваме можност за читање на одлични приказни за време на празниците, за надополнување на домашните библиотеки со квалитетни изданија, и најважно од се’, за подарување на книга на пријателите околу нас, велат од издавачката куќа.

Новогодишен концерт на Мандолинскиот оркестар „Скопје“

$
0
0

Мандолинскиот оркестар „Скопје“ вечер во Домот на АРМ ќе го одржи традиционалниот новогодишен концерт. Концертот ќе го диригираат Рамадан и Ерхан Шукри.

Како солисти на концертот ќе настапат тенорите Ѓорѓи Цуцковски и Александар Тарабунов, сопраните Серафина Фантаузо и Јаворка Витанова, вокалите Елена Стефковска и Глигор Поповски и Лазар Сандев-мандолина.

На програмата се дела од Верди, Корели, Чајковски, Доницети, Мандонико, Лехар, Штраус, Минкус, Димитров…

Концертот е со почеток во 20 часот, а влезот е бесплатен.

Изложба на современата чешка уметност „Правило и исклучок“

$
0
0

Во рамките на програмата на Националната галерија, на 23 декември, (среда) во 19,30 часот, во Чифте амам ќе се отвори изложба на современата чешка уметност со наслов „Правило и исклучок“, а на 24 декември, во 12.00 часот ќе се одржи предавање за изложбата од страна на кураторката Мариана Серанова.

Уметници вклучени во изложбата се: Алеш Чермак (Aleš Čermák), Ева Јиржичка (Eva Jiřička), Ева Котјаткова (Eva Koťátková), Барбора Клеинхамплова (Barbora Kleinhamplová) и Тереза Стејскалова (Tereza Stejskalová), Вацлав Магид (Václav Magid), Маркета Магидова (Markéta Magidová) и Јан Феифер (Jan Pfeiffer), Јан Манчушка (Ján Mančuška), Слава Соботовичова (Sláva Sobotovičová), Роман Штетина (Roman Štětina), Адам Вачкар (Adam Vačkář) сите одлични претставници на чешката современа визуелна сцена.

12398898_10208369998022761_1161882282_n

Делата претставени на оваа изложба претставуваат само мала илустрација за перформативните пристапи кои често се применуваат во последниве неколку години, особено од страна на помладата генерација на чешки уметници. Популарноста на театарските средства на сцената на ликовната уметност уште позначително влијаат на практиката и теоријата, а актуелната дебата говори за влијанието на театарот, театралноста или кореографскиот аспект.

Изборот, меѓу другото, прикажува одреден развој меѓу помладата генерација уметници од Чешка, кои се оддалечуваат од императивот на еманципиран учесник кој го создава делото, во корист на повеќе опфатени парчиња кои го апсорбираат набљудувачот или публиката. Форматот првенствено се состои од видео записи на изведени акции и перформанси, кои вклучуваат претходно одбрано сценарио. На изложбата има дела кои се создадени и документирани во разни автентични средини со помош на претставници на различни социјални групи и проекти во кои учествуваат професионални актери или изведувачи.

12404301_10208369998662777_1974953936_n

Насловот на изложбата, Исклучок и правило, е позајмен од истоимената „драма за учење“ од Бертолд Брехт (Die Ausnahme und die Regel), чии хипотези, особено во смисла на пристап кон гледачот, општествен ангажман на уметноста како агент на социјални промени и ослободување на обесправените класи, се во врска со „социјален пресврт” и едукативни трендови меѓу оние кои најмногу се спомнувани од авторите во последните две децении. Освен драми и идеи на сцена-теорија, Брехт, поради директната поврзаност со Валтер Бенјамин, што се гледа од 1920 година па наваму, не само од Школата во Франкфурт, а особено во доцните 50-ти и почетокот на 60-тите години, со своите ставови и пракса влијае врз многу генерации, како чешката авангарда меѓу војните и повоениот театар. Брехт и неговото критичкото читање сè уште може да има различна конотација на Исток и на Запад. Додека во западниот дискурс тој служел првенствено како еден од највлијателните извори за обраќање до активниот набљудувач во контекст на партиципативната и колаборативна уметност (на пример, К. Бишоп), веднаш по Втората светска војна неговиот концепт на епскиот театар на Истокот беше еден од столбовите на “реалната” идеја на театарската пракса.

Куратор на изложбата е Маријана Серанова, која овој проект го организира во соработка со Ана Франговска и истата ќе биде поставена до 3 јануари 2016 година.

Археолошката конференција „Неолитот во Македонија“

$
0
0

Во Археолошкиот музеј на Македонија на 23 декември, ќе се одржи археолошката конференција „Неолитот во Македонија“. Конференцијата е во организација на Центарот за истражување на предисторијата и Археолошкиот музеј на Македонија.

Овој настан е прв собир на македонските археолози кои го истражуваат неолитскиот период и имаат добиено значајни резултати што произлегуваат од теренските ископувања, обработката на музејскиот материјал или кабинетските проучувања.

Со оглед на тоа што, најголем дел од овие резултати остануваат непубликувани, а научните средби меѓу археолозите се мошне ретки, неопходна беше иницијативата да се организира конференцијата „Неолитот во Македонија“ на која ќе се презентираат сознанијата поврзани со неолитските локалитети и материјалната култура од овој период.

На овој настан ќе учествуваат десетина македонски археолози коишто ќе говорат за почетокот и крајот на неолитот, новите видувања на неолитските фази, рекогносциратата и датирањето во пелагониската котлина и нејзината околина, ревидирањето на локалитетите во охридско, примената на протоматематиката, ископувањата на населбите во Овче Поле и Скопско, анализите на камените, керамичките и коскените алатки, како и за континуитетот на неолитските предмети во останатите предисториски периоди.

Почина Блаже Алексоски –Глумецот

$
0
0

Почина Блаже Алексоски – Глумецот (1933 – 2015), актер во пензија од театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

– Тој замина, но неговото дело, улогите што ги оствари во театар, книгите што ги напиша ќе останат врежани во македонскиот театар и литература, се вели во соопштението од Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

Блаже Алексоски – Глумецот целиот свој живот му го подари на театарот. Бил еден од основачите на театарот, во кој се вработил во 1953 година и го дал својот придонес се до неговото пензионирање. Одиграл голем број улоги – Луков во Чашулевата „Црнила“, Омер во „Робот и Агата“ од Чернодрински, Ристе во „Мангите пијат чај“… Остана запаметен по улогата „Татко“ од Стринберг.

Оствари и завиден број режии на театарски претстави, пред се на битови драми, меѓу кои на „Бегалка“, „Печалбари“, „Антица“… За своите актерски реализации Алексоски се здоби и со призаннија на МТФ „Војдан Чернодрински“, како и со наградата за животно дело на овој фестивал. Тој беше првиот лауреат на ова угледно фестивалско признание од Прилепскиот театар. За неговиот придонес за театарот признание му оддаде и општина Прилеп.

Во последните години Алексоски стана вистински хроничар на Прилеп. Како драматичар дебитираше со пиесата „Итроман Пејо“, а напиша уште десетина драмски текстови, меѓу кои и „Колобан“, по кој се играше и истоимената претстава во театарот. Ги напиша и делата „Аџи Христо Логотет“, „Тале Мелезот“, романот „Ах“, „Прилепските прекари“, а остави зад себе и необјавени творби.

– Ќе остане запаметен дека драмската сцена ја исполнуваше со фини и непосредни тонови, со една специфична мекост и непосредност, со многу топлина и шарм, оставајќи впечаток пред се со чистата и лична дикција, со природната и доживеана игра, со изостреното чувство на вајање на детаљот…, се вели во соопштението од Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

Блаже Алексоски – Глумецотќе биде погребан денеска на Градските гробишта во Прилеп.

Ликовната група „Моми“ ја вклучи публиката во својот најнов проект

$
0
0

Во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, вечерва (вторник), во 19.30 часот, ќе биде отворена изложбата „Како снежна топка надолу по планината“ на „Моми“.

Со интерактивен перформанс, делото ќе биде надополнето и комплетирано со нови содржини. Сите посетители се добредојдени да учествуваат во процесот. За таа цел треба да понесат сопствено видео или фотографија (до 100МБ) во својот мобилен телефон, или да го снимат на самиот настан.

Ликовната група „Моми“ постои од мај 2012 година, а нејзини членови се Ана Ивановска, Зорица Зафировска, Кристина Хаџиева, Маја Кировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска и Христина Зафировска, кои на голем број заеднички проекти соработувале уште пред формирањето на „Моми“, во рамките на групата „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“ Изложбата „Како снежна топка надолу по планината“ е нивната дванаесетта изложба, а досега се претставиле во повеќе градови во Македонија и во странство.

„Најновиот проект на ’Моми‘ го третира дискурсот на новото доба, во кое компјутерското вмрежување и интернетот дозволуваат секундарен пристап до море од податоци и знаења во еден клик. Веќе не постојат просторни и временски бариери. Дали ќе се почне од посебното кон општото или од општото кон посебното е сеедно, бидејќи од една страна говориме за вмрежувањето и за придобивките на технологијата со кои сите информации, благодарение на интернетот се шират, надополнуваат и зголемуваат константно (како снежна топка надолу по планината). Исто толку важна е и најмалата честичка на таа мрежа, посебната база на податоци, бидејќи секоја една е капка во океанот, информација која ги полни неисцрпните он-лајн фолдери.

12414343_10208370124825931_1427658159_o

Овој концепт на поврзаност, вмрежување, меѓузависност, ’Моми‘ го визуелизираат и опросторуваат, прикажувајќи го пластично преку мрежни дијаграми и (кубични) графикони поставени на ѕидовите, но и материјализирајќи ги просторно на одредени места, како 3Д-нитки од мрежата, а поврзувачките точки се состојат од индивидуални и лични информации дадени преку креативно обмислени (од страна на членките на ’Моми‘ или публиката, која е поканета да партиципира) тригери, т.е. симболи или кодови, кои со помош на апликација за читање ја обзнаваат аурата и детерминираат одбраната содржина зад секој зададен визуелен ’код‘ од големата датабаза на податоци.

Секој тригер е линеарно поврзан со друг пополнет или непополнет ’модул‘ од системот, а посетителот е поканет да земе учество во интерактивен перформанс, станувајќи партиципатор во вообличувањето на делото и надополнувањето на ’снежната планина‘ со нови информации, податоци и иницирана креативност. Со однапред понудени правила за обликување на тригер, тој, реципиентот на делото, креира сопствен идентификувачки симбол, кој онлајн се полни (upload) во мрежата со ’скриена‘ антиципаторска и креативна содржина, која отпосле се исчитува, како фотографија, видео, анимација или дигитален цртеж“, пишува кураторот на изложбата, Ана Франговска.

Мал новогодишен саем на книги: Пак ли поезија?

$
0
0

Вечерва (вторник, 22.12.) со почеток во 20 часот во рамки на Mалиот новогодишен саем на книги во клубот ГЕМ, во Старата чаршија, ќе се одржи поетското читање насловено „Пак ли поезија?“.

Учесници на читањето се претставници од најмладата генерација македонски поети: Александар Маџаровски, Ана Голејшка, Исток Улчар, Ѓоко Здравески, Николина Андова Шопова, Снежана Стојчевска, Биљана Стојановска, Андреј Ал-Асади.

Саемот го организираат издавачките куќи Темплум, Бегемот, Готен, Блесок, Сигма Прес, Слово, Кликер и Везилка, од 21 до 26 декември, во Клуб ГЕМ.


Кочо Рацин –поет на болката

$
0
0

На денешен ден е роден Коста Солев Рацин (1908 – 1943) еден од најистакнатите македонски интелектуалци и поети во периодот помеѓу двете светски војни. Најпознат е по својата збирка песни „Бели мугри“, поради која се смета за основоположник на современата македонската литература.

Блаже Конески за него рекол: „Во Рацин имаме најиздигнат македонски народен интелектуалец од неговото време, најкултурен наш човек. Тоа што го рекол и како го кажал, Рацин за богомилите, не можеше да го постигне тогаш ниеден друг македонски интелектуалец. Чест му чини на Рацин дека тој од обичен работник – грнчар со упорно самообразование се издигна така високо.“

Своите први песни ги пишува во 1928 година. Од таа година датира неговата младешка љубов кон Рахилка Фирфова која го инспирира да ги напише своите љубовни стихови со крв и мастило на 31 дописна картичка и стихозбирката „Антологија на болката” останата во ракопис.

Есента истата година во загрепското списание „Критика“ ги објавува расказот „Резултат” и песната „Синови на градот”. Следните свои песни ги објавува во 1930 година во сараевското списание „Снага” каде што ги објави „Од фабриката”, „Во предвечерието”, „Да се биде човек“ и веќе спомнатата „На челичната машина“. Во 1931 година во загрепската „Литература” го објавува есејот „Хегел”, а во периодот околу 1931 година го започнува својот роман „Опиум“ („Афион”) од кого се сочувани само фрагменти.

Во 1932 година заедно со скопскиот графичар Јован Ѓорѓевиќ и кумановскиот монополец Александар Аксиќ ја издава стихозбирката „1932“, во која е објавена една од Рациновите најсилни песни „Огномет”.

Песната „До еден работник”, прва на македонски јазик, ја објавува во загрепското списание „Књижевник” во 1936 година, по излегувањето од затвор, а во 1939 година во Самобор ја печати стихозбирката „Бели мугри”. Стихозбирката е испечатена во 4000 примероци и се растура по цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија.

Вечерва со концерт на „Фолтин“ се отвора Кино Култура

$
0
0

Вечерашниот концерт на групата „Фолтин“ ќе го означи почетокот на работата на новиот културен центар „Кино Култура“. Концертот е најавен за 21 часот, а влезот е слободен.

Утре на репертоарот е скопската премиера на претставата „Ајнштајновите соништа“ во режија на Слободан Унковски, по текст на Алан Лајтман, во драматизацијата на Русомир Богдановски, со музика на Златко Ориѓански и костимографија на Розе Трајчевска-Ристовска.

На 25 декември, пак, ќе се изведе претставата „Солун, град на духови“ во режија на Слободан Унковски, по текст на Русомир Богдановски, а инспириран од истоимената книга на Марк Мазовер.

Центарот за современи изведувачки уметности и современа култура „Кино Култура“ е проект поддржан од општина Центар, а чии основачи се „Театарот на навигаторот Цветко“ и „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, кои во иднина заедно со други партнери и организации имаат за цел да воспостават нова современа организациска структура, урбан простор за современи изведувачки уметности.

Почнува со работа Кино Култура

$
0
0

Со скопската премиера на претставата „Ајнштајновите соништа“ во режија на Слободан Унковски вечер ќе биде отворено Кино Култура-Центар за современи изведувачки уметности и современа култура.

Кино Култура е проект чии основачи се Театарот на Навигаторот Цветко и Локомотива-Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, заедно со неколку партнери и организации со цел следните пет години да се воспостави урбан простор за современи изведувачки уметности. Партнер во проектот е општина Центар.

Претставата „Ајнштајновите соништа“ е по текст на Алан Лајтман, драматизацијата на Русомир Богдановски и копродукција на Театарот на Навигаторот Цветко и Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“. Репризата на оваа претстава е предвидена за утре, а на 25 декември ќе се прикаже претставата „Солун, град на духови“ по текст на Русомир Богдановски, а во режија на Слободан Унковски.

Реновираниот простор има 180 седишта, а на горниот кат се подготвуваат сали за проби и канцеларии.

Конференција „Неолитот во Македонија“

$
0
0

Во Археолошкиот музеј на Македонија денеска ќе се одржи конференција „Неолитот во Македонија“.

Овој настан е прв собир на македонските археолози кои го истражуваат неолитскиот период и имаат добиено значајни резултати што произлегуваат од теренските ископувања, обработката на музејскиот материјал или кабинетските проучувања. На конференцијата ќе се презентираат сознанија поврзани со неолитските локалитети и материјалната култура од овој период.

Ќе учествуваат десетина македонски археолози коишто ќе говорат за почетокот и крајот на неолитот, новите видувања на неолитските фази, рекогносциратата и датирањето во пелагониската котлина и нејзината околина, ревидирањето на локалитетите во охридско, примената на протоматематиката, ископувањата на населбите во Овче Поле и Скопско, анализите на камените, керамичките и коскените алатки, како и за континуитетот на неолитските предмети во останатите предисториски периоди.

Конференцијата е во организација на Центарот за истражување на предисторијата и Археолошкиот музеј на Македонија.

Традиционален новогодишен концерт на „Танец“

$
0
0

Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ вечерва на големата сцена на Македонската опера и балет ќе го одржи традиционалниот новогодишен концерт.

„Танец“ претставува симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура веќе шест децении. Тој е културен амбасадор кој ја презентира и споделува богатата македонска традиција во земјата и во светот.

Има учестувано на повеќе од 4.500 концерти во земјава и светот.

Официјано е формиран во мај 1949 година со указ од тогашната влада. За успехот на „Танец” говорат бројните награди и признанија како што се „11 Октомври”, „Климент Охридски”, наградата од градот Скопје „13 Танец Ноември” како и орденот на заслуги доделен од претседателот на Република Македонија.

Viewing all 8033 articles
Browse latest View live


<script src="https://jsc.adskeeper.com/r/s/rssing.com.1596347.js" async> </script>