Quantcast
Channel: Култура –А1он
Viewing all 8033 articles
Browse latest View live

Изложбата „IN THE ZONE” се отвoра во Чифте амам

$
0
0

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 17 ноември, (понеделник), во 20 часот ќе се отвори изложбата “IN THE ZONE”, на која ќе бидат претставени седум македонски уметници: Антони Мазневски, Атанас Атанасоски, Исмет Рамиќевиќ, Јане Чаловски, Велимир Жерновски, Групата ОПА и Ѓорѓе Јовановиќ.

inthezone5

Во текот на месец јули, 2014 година, проектот беше поставен во Мултимедијалниот центар во Ровињ, Хрватска.

inthezone2

Изложбата подразбира автори низ чии дела провејува една специфична перцепција на материјалот и неговото интерпретирање, преобликување, додека, од другата страна се уметниците ангажирано врзани за рецепција на случувањата, опкружувањето, за реминисцентните слики како духовна потреба за нивното визуелно транспонирање.

inthezone4

“IN THE ZONE” е конципирана од дела кои го иницираат специфичното бележење на депонираните податоци на рецентното или минато време, случувањата, меморијаните слики кои се поставени во дефинирана територија како порака, критика или иронично отсликување, кадрирање на културолошкиот или социо-психолошкиот ракурс.

inthezone3

Изложбата ја организира АТАКАРНЕТ, Скопје (куратор Викторија Васева Димеска), во соработка со Национална галерија на Македонија. Изложбата е финансирана од Министерството за култура.

inthezone


Почина познатиот српски театролог Јован Ќирилов

$
0
0

На 83 годишна возраст, денеска во Белград почина легендарниот Јован Ќирилов, театролог, писател, селектор на фестивалот БИТЕФ, дологодишен директор на Југословенско драмско позориште и на Ателје 212.

Ќирилов е роден на 30 август, 1931 година во Кикинда, дипломирал филозофија во Белград во 1955 година, истата година е ангажиран како драматург и асистент на режија во ЈДП. Во 1967 година се вработва во театарот Ателје 212 и во 1985 година станува негов директор со најдолг мандат до 1999 година. Во тој период настанаа некои од култните претстави како „Будење на пролетта“, “Лажни цар Шќепан Мали“, „Ружење народа у два дела“, „Буре барут“ и други.

Од основањето на меѓународнит театарски фестивал БИТЕФ, до денес беше негов директор и селектор. Франција го награди со орденот Витез на книжевноста и уметноста, добитник е на бројни државни и меѓународни награди и признанија.

Ќирилов е автор на голем број книги од областа на театарот, есеи и колумни, речници и антологии.

Втора самостојана изложба на Лазе Трипков, основач на Скопје постер фестивал

$
0
0

Во Младинскиот културен центар вечерва ќе биде отворена втора самостојна изложба на Лазе Трипков, основач на Плакарт и Скопје постер фестивал. Изложбата, која ќе трае до 30 ноември, ќе претстави плакати создадени во периодот од 2004 до 2014 година и ќе биде во пресрет на 7. Скопје постер фестивал.

Трипков е иницијатор и куратор на над 30 меѓународни проекти, вклучувајќи ги сите досегашни шест изданија на Скопскиот постер фестивал, 20-тина поконкурсни изложби на Плакарт надвор од Македонија (Њујорк, Прага, Варшава, Белград, Истанбул, Париз, Лисабон…), ко-основач на Скопската недела на дизајн.

Членува во одборот на Варшавското биенале на плакат, кое е најстаро и најквалитетно, и е чест гостин на меѓународни проекти од профилот на графичкиот дизајн во и надвор од државата во својство на предавач или член на жири.

- Графичките дизајнери, независно од какво етничко потелко се и независно од средината во која творат, се тие кои ги решаваат визуелните комуникациски проблеми. Oд есенцијално значење е вештината на размислување и создавање перцепција со слики, зборови и симболи. Способноста да се создаде убедлива или информациска перспектива на некоја идеја е многу важно. Но, најважната работа во дизајнот е да го создадеш патот, пишува во каталогот кој Трипков го подготви за изложбата во МКЦ.

„Книжевно жезло“ на ДПМ за Иван Чаповски и Николаи Дабижа

$
0
0

Наградата „Книжевно жезло“ на Друштвото на писателите на Македонија за поетски опус со високи естетски вредности ја добија македонскиот поет Иван Чаповски и поетот од Молдавија Николаи Дабижа, соопшти македонската писателска асоцијација.

Одлуката едногласно ја донел Организацискиот одбор на Меѓународната манифестација „Празник на липите“ што се одржува во рамките на програмските активности на ДПМ. Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на централната приредба на оваа манифестација, во јуни идната година. Друштвото на писателите ќе објави посебна публикација со избор од поезијата на лауреатите на македонски, молдавски и на англиски јазик.

Иван Чаповски (1936) е автор на повеќе стихозбирки, меѓу кои: „Пепел под маслините“, „Дожд, по дождот Вера“, „Евангелисти“, „Убавата разделина“, „Лаѓа“ и „Затвори“. За својот книжевен опус, како поет, романсиер и раскажувач, добитник е на наградите „13 Ноември“, „Рациново признание“ и „Стале Попов“. Член е на ДПМ од 1963 година.

Молдавскиот поет Николаи Дабижа (1948) е автор на 40 книги поезија, проза, критики и есеи. Познати се неговите стихозбирки „Трето око“, „Приказни од мостот“, „По стапките на Орфеј“, „Анонимниот сликар“ и „Изолирана тишина“. Добитник е на државната награда на Република Молдавија. За својата поезија е наградуван и во Италија, Русија, Србија, Германија и Украина. Член е на Молдавската академија за наука и уметност.

Битолскиот театар ја подготвува „Геноцид“ на Љубиша Георгиевски

$
0
0

Драмскиот писател, режисер и теоретичар на театарот Љубиша Георгиевски денеска во Битола најави дека почнува со подготвки на драмата „Геноцид“, која ќе биде поставена на сцената на НУ Народен театар-Битола.

- Дојден сум тука за да почнам да работам на пиеса која се вика „Геноцид“, која беше поставена во Скопје, и која претставува полемика со грчкиот фашизам. Јас уште сум доволно млад да полемизирам. Првиот геноцид во историјата, според Хомер, го направиле Грците над Троја, а Хомер бил Грк. Оттогаш, од самата Тројанска војна, започнала војната за да не запре се до ден-денес. Во оваа претстава на само 12 километри од денешната македонско-грчка граница насилното лудило на грчката солдатеска се прикажува во сиот свој делириум, а геноцидот како врвен злостор во некои земји се слави како јуначки подвиг, рече Георгиевски на прес-конференција во Битола.

Појасни дека во пиесата се заробени Агамемнон, победникот во Тројанската војна, и поразената кралица на Троја – Хекуба. – Обајцата, крвникот и жртвата, врват низ процес со помош на кој ја разбираат крваво дијалектиката на насилието и да осознаат дека не можат еден без друг, додаде авторот Георгиевски.

Почина писателот Александар Ежов

$
0
0

Друштвото на писателите на Македонија соопштува дека денеска, по долго боледување, во Скопје почина писателот Александар Ежов. Посмртните останки на Александар Ежов ќе бидат погребани утре (вторник, 18 ноември) во 12 часот на гробиштата „Ѓорче Петров“.

Александар Ежов е роден во 1928 година во Прилеп. Припадник е на генерацијата критичари која во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век остави силен печат во книжевнииот живот, посебно на страниците на литературната периодика.

Александар Ежов во тие години, познати како период на македонската книжевна конфронтација, беше уредник во издавачката куќа „Македонска книга“ и на списанието „Современост“. Член на ДПМ беше од 1958 година.

Чешката публика воодушевена од „Македонска приказна“

$
0
0

Претставата „Македонска приказна“ со која Театарот за деца и младинци настапи во Прага предизвика голем интерес кај публиката.

Директорот на Театарот Драган Довлев изјави дека се барало место повеќе и оти глумците биле испратени со долг аплауз и овации.

- Уште еднаш се покажа дека „Македонска приказна” е вистинскиот, ако не и најдобриот репрезент на нашата држава, кога е во прашање театарското претставување на Македонија во европските центри. Тоа се случи и во Стокхолм пред повеќе од две години, но овојпат мислам дека отидовме и чекор понатаму. Овојпат претставата беше полн погодок, истакна Довлев.

Тој додаде дека претставата мора да продолжи да живее и да се обновува со нови млади актери затоа што тоа го заслужува.

Режисер на претставата е Боњо Лунгов, а во актерската екипа се Татјана Павловска-Кочовска, Ана Левајковиќ-Бошков, Катарина Илиевска-Силјановска, Владимир Лазовски и Предраг Павловски.

Гостувањето на Театарот за деца и младинци во Прага беше во рамки на Деновите на македонската култура што ги организира Министерството за култура на РМ во соработка со македонската Амбасада во Чешка, по повод 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Македонија и Чешка.

Во рамки на манифестацијата досега се одржаа 10-тина настани, а следната недела ќе биде отворена изложба на Националната галерија на Македонија, а концерт ќе одржи дуото „Скупи“.

Претставата „Македонска приказна“ во 2012 година настапи и во Стокхолм, по повод две децении од шведско-македонските дипломатски односи.

Изложба „Пупки во бурата”на Кристина Зимбакова

$
0
0

Изложба насловена „Пупки во бурата”, на Кристина Зимбакова ќе биде отворена денеска во Порта Македонија.

На четвртата по ред самостојна изложба таа ќе се претстави со слики во комбинирана техника создадени во последните неколку години. Експресивниот и симболичен израз, вметнувањето мотиви од поезијата на Силвија Плат и Ен Секстон, текстуални елементи, и габите како медиум се значајни одлики на нејзиното творештво.

Освен акрил, смола и рачен вез, користени се и невообичаени материјали како дрвени струготини, влакна од коноп, рафија, пеперутки, афионово семе, чевли. Габите, лишаите и пеперутките се добиени од збирки или теренски истражувања во соработка со природни научници, особено околу одредувањето на видовите.

Изложбата ќе ја отвори проф. д-р Ферид Мухиќ. Кристина Зимбакова е од Струмица, а живее и работи во Скопје. Негува интердисциплинарен приод кон ликовната уметност.


Изложба на Дејан Иванов –Маргуш

$
0
0

Во Мала станица вечерва ќе биде отворена изложбата „Космички пејсажи“ од ликовниот уметник Дејан Иванов – Маргуш.

Изложбата ќе ја отворат директорката на Националната галерија на Македонија, Маја Неделкоска-Брзанова и кустосот во Националната галерија Љупчо Маленков.

Дејан Иванов – Маргуш како ликовен уметник е апстрактен, исто и како и неговиот ликовен свет.

Промовирана книгата „Запознавање со минатото, археологија за деца“

$
0
0

Во Археолошкииот музеј на Македонија денеска е промовирана книгата „Запознавање со минатото, археологија за деца“ од Анета Фиданоска.

Изданието содржи 12 теми, а преку впечатливите илустрации на Боркица Арсевска и раскажувачката способност на Фиданоска се претставени Големата мајка од Тумба – Маџари, наколната населба Заливот на коските кај Градиште, златната маска и златните предмети од Горна Порта, мозаиците од Хераклеа, крстилницата од Стоби, турската бања Даут пашин амам,…

Како што рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска промовирајќи ја книгата, оваа необична музејска читанка, не само децата, туку и возрасните ги води на едно далечно и возбудливо патување.

- Велат дека за успешно градење на иднината основен предуслов е да се познава минатото. Децата се нашата иднина и затоа од најрана возраст мораме кај нив да ја развиеме свеста за потребата од познавање, почитување и негување на културното наследство. Денес во светот се повеќе се обрнува внимание на збогатувањето на едукацијата за минатото на човекот, древните култури, нивните обичаи, навики, верувања, истакна Канческа-Милевска.

Според неа, четивото на Фиданоска ги расветлува мистичните длабочини на македонската историја во кои се пронајдени бројни артефакти, материјални траги и докази кои зборуваат за цивилизациите што опстојувале на нашето тло.

- Овој музејски водич ќе биде многу интересен за децата, преку него наставниот кадар ќе може да го збогати едукативниот процес. Уверена сум и дека на интересен начин ќе влијае врз развојот на креативноста и размислувањето на децата за нашето минато, за историјата што ќе биде поттик да ги посетуваат музејските институции во Македонија, нагласи министерката.

„Запознавање со минатото, археологија за деца“ е првенче на Археолошкиот музеј и се промовира еден месец од неговото отворање. За авторката Фиданоска, историчарка на уметност и кустос во Музејот, изготвувањето на книгата претставувало, како што напомена, голем предизвик, но и огромна одговорност, бидејќи е обид на најмладите да им се доближи и претстави една комплексна научна област.

Сите дечиња што присустуваа на промоцијата, од градинката „Раде Јовчевски – Корчагин“ и од основните училишта „Блаже Конески“, „Живко Брајковски“ и „Невена Ѓеоргиева – Дуња“, добија книга.

(ВИДЕО) Изуми за обичниот македонски граѓанин на Ѓорѓе Јовановиќ

$
0
0

Ако не се согласувате со некого – има решение – ставете му штипка на устата, ако некој ве изнервира употребете традиционална македонска клетва, не стигнувате од работа за на турбо фолк забава и за тоа има решение, ако вестите на телевизија ве онерасположуваат – прекријте го телевизорот со антидепресивна прекривка и излезете со велосипедот што самиот си црта велосипедска патека, ако по пат видите кеси со ѓубре во влезот, употребете ја „комуникациска ролна за комшиите“, ако не сте добиле плата, ви треба „сет за кризни времиња“ – ова се дел од објектите на најновата изложба на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, насловена „Изуми за вас прекрасни луѓе“.

За овие пронајдоци авторот изработил и реклами кои се емитуваат во изложбениот простор, хумористични и иронични на прв поглед, но, во многу сегменти ја отсликуваат македонската реалност и секојдневието на „обичниот македонски граѓанин“.

Изложбата е во организација на Музејот на современа уметност од Скопје, а е поставена во Мала станица и ќе биде отворена до 28 ноември.

-Проектот „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ обединува неколку медиуми кои се мој повеќегодишен интерес – скулптурата, дизајнот, фотографијата, видеото.

Gjorgje Jovanovik3

Важен елемент е и партиципативниот карактер на изложбата. Тоа е принцип кој што го развивам во повеќе мои дела.

Низ најразлични начини и форми ја вклучувам публиката или соработниците во реализацијата или финалното оформување во делата што ги работам, без разлика дали тоа било перформанс, акција или како што е случај во оваа мултимедијална изложба.

Gjorgje Jovanovik

Ова е обид да се промисли времето во коешто живееме и обид да се опсервираат меѓучовечките односи и релации.

На моја покана, дел од претставените изуми беа работени во соработка со други креативни луѓе, дизајнери, архитекти, писатели, Небојша Гелевски, Владимир Лукаш, Дејан Ивановски и Никола Писарев.Во другата фаза-презентацијата на производите своја несебична поддршка дадоа и Јордан Шишовски, Ана Чупевска, Славчо Димитров, Велимир Жерновски како и Александар Алексовски и Сања Арсовска кои помогнаа во нарацијата- исчитувањето на видео рекламите, вели Јовановиќ.

Gjorgje Jovanovik2

Кураторката Мира Гаќина, за овој проект, меѓу другото вели: „Ѓорѓе Јовановиќ со својот најнов проект продолжува да ги истражува формите на социјални структури, создавани во специфичен транзициски период, процес неоправдано долг и длабоко заглавен, со збунувачки идеолошки продукти. Ново развиениот социјален интегритет обединува елементи кои не ветуваат одржливост на подолг рок.“

Gjorgje Jovanovik4

Јовановиќ досега има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграција и дезинтеграција на современиот човек. Во своите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности.

Gjorgje Jovanovik5

Тој самостојно изложувал во Скопје, Белград, Њујорк и Грац, а за муралот „Каде плови овој брод?“ беше добитник на наградата за најуспешно дело на 10. Биенале на млади уметници што се одржа во мај минатата година во организација на Музејот на современа уметност.

Поетеси на ДПМ на манифестација за женското писмо

$
0
0

Дваесетина поетеси од различни генерации денеска во Друштвото на писателите на Македонија ќе учествуваат на манифестацијата „Женско писмо – да или не“.

Средбата се организира во рамки на активностите на Клубот на писателки „Даница Ручитај“ при Друштвото на писателите на Македонија.

Грција го искористи спорот за името за да спречи меѓународна театaрска соработка

$
0
0

Грчки претставници ја спречиле Новата Европска Театaрска Асоцијација- НЕТА да стане членка на Унијата на театри од Европа (УТЕ), јавуваат денеска грчките медиуми.

Во Тел Авив од 13 до 16 ноември се одржа генерално собрание на УТЕ на кое, според грчките медиуми, кога дискусијата дошла до предлози за нови партнерства и нови членови, „се појавила мрежата НЕТА со седиште во градот Битола, Македонија, со која претседава поранешниот министер за култура Благој Стефановски“.

- Уметничкиот директор на Националниот театар на северна Грција Јанис Вурос веднаш реагираше и по забелешките дека се залага за отвореност и соработка, изјави дека не може да прифати соработка со театар од Скопје кој го краде името на Македонија, кое не го признаваат Обединетите нации, ниту Грција, пишуваат грчките медиуми.

По интервенцијата на Вурос, предлогот за соработка со НЕТА, наводно, бил повлечен.

Иван Ивановски изложува во Њујорк

$
0
0

Македонскиот уметник Иван Ивановски ќе ги претстави своите дела пред публиката во Њујорк на самостојна изложба 92ft² & 24’12’’ во „Galery MC“ која ќе се отвори денеска и која ќе трае до 27. ноември.

Ивановски на оваа поставка изложува свои анимирани филмови и цртежи.

- Изложбата, го истражува потенцијалот на анимираниот филм како медиум во контекст на современата уметност.

- Таа содржи три филма (Konzo, 5’59 ”, Народниот фронт 12, 10’23 ”, Внатре, 7’50 ”) и уметнички дела кои се користени во процесот на нивно креирање, како и цртежи и слики од проектите во продукција, вели Ивановски.

ivanIvanovski

Тој дипломира вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година. Во 2013 го заврши Академскиот програм на ФАМУ во Прага.

Досега се има претставено со седум индивидуални и дваесетина групни изложби со слики, скулптури, цртежи, видео и инсталации.

Вечерва промоција на „Моjот маж“ од Румена Бужаровска

$
0
0

Промоцијаја на најновата книга раскази од Румена Бужаровска, „Мојот маж“, во издание на „Блесок“, ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во Клуб-ресторанот во МКЦ. За книгата со авторката ќе разговара Илина Јакимовска.

Во меѓувреме на големи екрани ќе бидат проектирани анонимните записи на читателите на тема „Мојот маж“.

„Мојот маж“ е трета книга раскази од Румена Бужаровска, по „Чкртки“ („Или-или“, 2007 г.) и „Осмица“ („Блесок“, 2010 г.).

mojotMaz-buzarovska

„Само навидум зборувајќи за својот сопруг, нараторките од најновата збирка раскази на Румена Бужаровска, „Мојот маж“, всушност се соголуваат себеси: своите стравови, мрачни тајни, недозволени копнежи, интимни фрустрации. Пренесени низ призмата на сопругата мајка, вдовица, прељубница, уметница, домаќинка, сместени во нашето секојдневие, и раскажани со едноставен јазик, кој изобилува и со хумор, и со тага, овие раскази им даваат глас на проблемите за кои општеството ни наложува да молчиме“, пишува Калина Малеска во својата рецензија кон книгата.


Поетесите од ДПМ на манифестација „Женско писмо –да или не?

$
0
0

Македонски поетеси од различни генерации кои членуваат во Друштвото на писателите на Македонија и во неговиот  Клуб на писателки „Даница Ручигај“ денеска со читање стихови од своите творби учествуваа на манифестацијата .„Женско писмо – да или не?“.

Женското писмо е родов, културолошки и книжевен феномен. Според некои анкети, авторките свесно или несвесно во уметноста внесуваат женскост – теми и специфики на жената: емоција, меланхолија, плач, нерамноправност, запоставеност, дискриминација…

- Најдобра е онаа книга од која не може да се заклучи од кој пол е авторот.  Лично мислам дека е беспредметна секоја поделба, па и определувањето, дистинкцијата и инсистирањето во и на литературата на женска и машка, односно на женско и машко писмо, зашто постои само добра и лоша литература, па таа или е или воопшто не е литература… Сето женско писмо не е феминистичко и не е поврзано со феминизмот, па најлесно и површно е да се поврзува постојано и безрезервно женското писмо со феминистичката критика, рече писателот Христо Петревски на отворањето на настанот.

Претседателката на Клубот Мирјана Стојановска изјави дека целта е повеќе да се подискутира за женското писмо паралелно со тенденциите за родова еднаквост.  Повикувајќи се на анализи и истражувања на познати теоретичари, таа рече дека постои разлика меѓу машкото и женското писмо што се должи на различната природа на жената и на мажот.

- На пример, Фројдовата теорија вели дека историски гледано, жената влече поинакви корени, перцепцијата на уметноста на жената оди во поинаква насока и треба и поинаков прочит на литературата на женското писмо, Или, пак, Вирџинија Вулф во својот познат есеј „Сопствената соба“ вели дека жената мора да има пари, своја сопствена соба ако сака да пишува романи, рече Стојановска.

Клубот на писателки го сочинуваат членките на ДПМ, кои се една третина од околу 280 членови на писателската асоцијација. Клубот  е именуван Даница Ручигај (1934-1963) по скопската поетеса и авторка на две стихозбирки, која загинала во земјотресот во Скопје.

Концерт „Бурлеска“ на Македонската филхармонија

$
0
0

Македонската филхармонија вечер ќе одржи симфониски концерт насловен „Бурлеска“ под диригентство на маестро Кристијан  Мандеал од Романија, кого го нарекуваат наследникот на славниот Херберт фон Карајан.

На сцената како солист на пијано ќе настапи Оксана Корјос, една од најзначајните пијанистки на својата генерација, исто така од Романија, која ќе ја изведе возбудливата Бурлеска за пијано и оркестар од големиот германски романтичар Рихард Штраус.

Под палката на реномираниот Мандеал, Македонската филхармонија ќе ја изведе и Симфониската поема „Размислување“од втемелувачот на современиот македонски симфонизам, Благоја Ивановски, како и една од најзиведуваните и најпознатите симфонии воопшто во музичката литература – Симфонија бр.9 наречена „Од Новиот свет“, од чешкиот композитор Антонин Дворжак.

Денови на хрватска книжевност во Македонија

$
0
0

Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје денеска и утре ќе се одржи манифестацијата „Денови на хрватска книжевност во Македонија“.

Манифестацијата ќе понуди книжевна средба со хрватски автори и претставување на творештвата на авторите Бранко Чегец, Хелена Саблиќ-Томиќ и Владимир Стојсављевиќ, како и изложба на книги со стотина дела ​од хрватски писатели преведени на македонски јазик​ и објавени во Македонија по 1990 година. Ќе се одржи и трибина на тема „Современи македонско-хрватски книжевни релации и модели на пласман и афирмација на македонската и хрватската книжевност во други средини“.

Манифестацијата „Денови на хрватската книжевност во Македонија“  ја организираат Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје и Националната и универзитетска библиотека од Загреб, кои ќе потпишат меморандум  за соработка.

Македонски искуства презентирани на Фестивал на европски филм во Севилја

$
0
0

Директори и програмски директори на европски кина од Велика Британија, Франција, Италија, Шпанија, Словенија, Хрватска, Србија, Грција, Холандија, Белгија, Чешка, Романија и од Македонија, учествуваа на 11. Фестивал на европски филм во шпанскиот град Севилја.

Македонските искуства и македонското кино на фестивалот во Севилја ги презентираше директорот на НУ Центар за култура-Битола Борче Димитровски, кој изјави дека традиционалниот стручен семинар на„Europa Cinemas“ овојпат беше посветен на развивање и поддршка на кино публика.

- Овој семинар е доста значаен за Центар за култура-Битола бидејќи ги отвора клучните прашања за развој на кино публиката која е најзначајна за животот и функционирањето на едно кино. Дискусиите на семинарот и бројните конкретни примери се водилка за понатамошно развивање на кино дејноста и нудење нови инвентивни модели за привлекување различни генерации на публика во киносалите. Ние како членка во мрежата на Europa Cinemas, веќе 10 години сме дел од тоа големо семејство и придобивките се видливи и значајни, изјави Димитровски по враќањето од Севилја.

На Фестивалот на европски филм во Севилја со свои презентации и видувања на за актуелната тема настапиле и Хозе Луис Кифуенго, директор на фестивалот во Севилја и Клод Ерик – Поаро, генерален директор на Europa Cinemas, директорот на ИФФ во Ротердам Рутгер Волфсон,  Аса Гарнет одговорна за односи со јавност и комуникации на Фестивалот во Сараево, Марко Одасо, експерт за социјални медиуми и други претставници на европското кино.

- За посебно значајни ги сметам контактите со Мадлен Пробст, потпретседател на Europa Cinemas, продуцент, директор на киното во Вотершид, и Џон Баранечеа, одговорен на секторот за развој на проекти во „Picture House Cinemas“ Велика Британија, и Иво Андрле директор на кино дистрибуциска куќа „Аеро филмс“ во Чешка, кој беше прогласен за најдобар европски претприемач во кино дејноста за 2014 година. Мислам дека учеството на овој настан беше корисна и добра инвестиција на нашиот поддржувач, Агенцијата на филм на Република Македонија, рече Димитровски.

Со поддршка на Europa Cinemas, како и со домашниот Филмски фонд (сега Агенција за филм), Министерството за култура и општина Битола, пред повеќе од една година беше реализирана дигитализација за врвни кинопрокеции во големата сала на НУ Центар за култура-Битола. 

Изложба на „Конекција“ во Благоевград

$
0
0

Дела на седуммина македонски ликовни уметници вклучени во проектот „Конекција“ од денеска ќе бидат претставени на изложба на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски” во Благоевград,

Таа е втора од серијата ликовни изложби на Зоран Мише и Павел Целкоски од Охрид, Иво Пецов и Соња Димитрова од Виница, Горан Тричковски од Делчево, Зоран Георгиев од Гевгелија и Иван Стоименов од Скопје. Со поддршка на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија овие млади автори во август имаа успешна изложба во Велико Трново.

Авторите, кои работат во различни ликовни техники – од графика, масло на платно, текстил, скулптура, инсталации, пред две години се обединија во проектот „Конекција” и се претставија на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија во јули 2012 година на изложба која имала бројни посетители.

- Тоа беше повод КИЦ на РМ повторно да го актуелизира овој концепт и да продолжи со организација на ликовни настани со оваа неформална група од талентирани и креативни ликовни уметници кои дипломираа на Академијата за ликовни уметности во Софија и во моментов живеат и работат во Бугарија, информира македонскиот КИЦ.

Изложбата во Благоевград ќе може да се посети до 1 декември, а  денеска попладне ќе ја отворат директорот на КИЦ на РМ Васко Шутаров и професорот Румен Дешев од Факултетот за уметности на Југозападниот универзитет во Благоевград.

Viewing all 8033 articles
Browse latest View live


<script src="https://jsc.adskeeper.com/r/s/rssing.com.1596347.js" async> </script>