Quantcast
Channel: Култура –А1он
Viewing all 8033 articles
Browse latest View live

Скандинавците биле првите Европејци

$
0
0

Скандинавците се во поблиско сродство со првите Европејци отколку, на пример Французите или Германците. Тоа го покажуваат резултатите од истражувањата на „првиот Европееец“ – еден скелет стар 37.000 години, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Станува збор за скелет кој бил ископан во руското село Костенки, кое се наоѓа 30 километри јужно од Вороњеж, а каде што руски археолози имаат пронајдено единствен комплекс на палеолитска населба од светско значење.

Скелетот, кој бил испитуван, му припаѓал на маж кој живеел на тој простор, каде што денес се наоѓа Костенки.

- Од генетска гледна точка тој е Европеец, а факт е дека е во поблиско сродство со Данците, Швеѓаните, Финците и Русите, отколку со Французите, Германците или Шпанците, вели за списанието „Сајанс нордик“, Еске Вилерслев, шеф на данскиот Центар за гео-генетика при Универзитетот во Копенхаген.

Целта на истражувачката студија била да се утврди кога настанале разлики меѓу Европејците и Азијците. Заедно со други откритија, меѓу другото и еден скелет од Сибир, истражувачите веруваат дека линијата на раздвојување се развивала во периодот меѓу 37.000 и 45.000 години пред нашата ера.

И покрај утврденото сродство, истражувачите сметаат дека е бесмислено, од генетска перспектива, да се посчуваат Скандинавците како посебен народ, со оглед на тоа дека цела низа други генетски карактеристики, особено од Блискиот Исток, биле присутни кај првите Европејци.


Концерт на „Фолтин“ на третото издание на „Скопје креатива“

$
0
0

Македонските музички амбасадори, групата „Фолтин“ утревечер во Универзалната сала ќе одржат целовечерен концерт по повод третото фестивалско издание на проектот „Скопје креатива“.

Ексклузивно на годинешното издание на фестивалот, ќе бидат промовирани десетици нови производи и услуги од областа на креативните индустрии, а како куриозитет на програмата е првата андроид туристичка апликација за Скопје, насловена „SKOPJE TO GO“ (SK2GO), која ќе биде достапна за сите странски туристи кои ќе доаѓаат на посета во нашиот град.

Исто така ќе биде промовирана и првата македонска картонска игра, насловена „Планетата Ерида“, како и официјалниот софтвер за регистрација на креативниот потенцијал во нашиот град и земја, во таканаречена форма на „База на податоци“.

Презентацијата на сите производи ќе започне во 10:00 часот, додека официјалното отварање ќе биде вечерта.

Влезот е бесплатен и отворен за сите.

Денови на хрватската книжевност во Македонија

$
0
0

Голем број преводи на дела од современи хрватски автори на македонски јазик се објавени во изминатите 25 години, а најрепрезентативните и актуелни хрватски наслови се  изложени во холот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ која денеска и утре организира Денови на хрватската книжевност во Македонија.

На настанот учествуваат писатели од Хрватска (Хелена Сабљиќ-Томиќ и Бранко Чегец) и директорката на Националната и универзитетска библиотека во Загреб  Дуња Сајтер-Шверко која утре со директорот на НУБ  Иван Заров ќе потпише договор за соработка на двете библиотеки.

Заров на отворањето на манифестацијата рече дека нивните институции придонесуваат за запознавање на двете блиски култури и значајно влијаат во градењето на односите меѓу двете држави.

- Во рамки на Деновите пред пошироката македонска културна и општествена јавност ќе бидат претставени најрепрезентативните дела на хрватската книжевност, преку избор од над сто монографски изданија издадени во периодот од 1990 до 2014 година. Оттука ја упатуваме универзалната порака оддавајќи почит на хрватската книга и слово и доближувајќи ги непосредно до македонскиот читател најактуелните книжевни остварувања, дострели и тенденции на современата хрватска книжевна сцена, рече Заров.

Сајтер-Шверко истакна се чувствува пријатно и гордо во Македонија, посебно  зашто  нејзиниот вујко, хрватскиот поет Славко Михалиќ е добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, еден од двајцата хрватски лауреати (покрај Мирослав Крлежа).

- Чинот на нашето утрешно потпишување на договорот за соработка е веќе сега подлога за реално претставување на хрватската книжевност овде, во Македонија, и  се надевам дека следната година ќе се случи возвратна средба во Загреб, рече Сајтер-Шверко.

За значењето на хрватската литература зборуваше писателот Венко Андоновски, кој на Филолошкиот факултет во Скопје го предава предметот Нова хрватска книжевност.

- Хрватската книжевност за македонската книжевност има непроценливо значење затоа што само преку хрватската книжевност таа станува дел од европскиот книжевен контекст. Хравтската книжевност отсекогаш била свртена кон Европа и таа има сосема регуларна еволуција во 19 век и сите влијанија од Запад се дојдени во хрватската книжевност, а Македонците како бистар народ знаат од кого треба да пазарат, рече Андоновски.

Додаде дека не е случајно тоа што на поранешната Катедра за јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет еден од најсилните предмети  бил Нова хрватска книжевност и посочи и на влијанието на големите хрватски автори врз македонските творци, како Мирослав Крлежа и симболистот Антун Густав Матош, кој директно влијаел за појавата на македонските неосимболисти во 1960-тите.

Изложбата на преведени изданија во НУБ ја отвори хрватскиот амбасадор и македонист Златко Крамариќ. Во рамки на Деновите… НУБ утре ќе организира и трибина „Современи македонско-хрватски релации и модели на пласман и афирмација на македонската и хрватската книжевност во други средини“

Изложба на графики „Да се истрае“

$
0
0

Во галеријата на Центарот за култура ,,Марко Цепенков“ во Прилеп вечер ќе биде отворена изложбата на графики од Марија Конеска насловена „Да се истрае“.

Конеска има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности, Скопје (2003-2008), оддел графика во класата на Зоран Јакимовски. До сега има остварено една самостојна изложба и има учествувано на повеќе групни изложби во Македонија и надвор.

Моментално е постдпломец во сликарскиот оддел во класата на Антони Мазневски.

Фестивал за креативни индустрии „СКОПЈЕ КРЕАТИВА“

$
0
0

Во Универзалната сала во Скопје денеска ќе се  одржи третото издание на фестивалот за креативни индустрии „СКОПЈЕ КРЕАТИВА“, кој е дел од програмата за култура на Град Скопје.

На отворањето посетителите  ќе може да ги видат најновите дизајни на најразлични производи и услуги, додека во официјалниот дел, ќе бидат презентирани десетици нови производи и услуги од областа на креативните индустрии, а како куриозитет на програмата е првата андроид туристичка апликација за Скопје, насловена „SKOPJE TO GO“ (SK2GO), која ќе биде достапна за сите странски туристи кои ќе доаѓаат на посета во Скопје.

Ќе биде промовирана и првата македонска картонска игра, насловена „Планетата Ерида“, како и официјалниот софтвер за регистрација на креативниот потенцијал во нашиот град и земја, во т.н. форма на „База на податоци“.

Официјалното отворање на фестивалот за креативни индустрии „СКОПЈЕ КРЕАТИВА“ ќе биде  збогатено со настап на групата „ФОЛТИН“  и македонски диџеи.

Влезот за сите настани на фестивалот е бесплатен. 

Изложба на фотографии од Стефан Лупино

$
0
0

Во Галеријата 8 – Безистен во Старата скопска чаршија вечер ќе се отвори  изложба на 30-тина фотографии од Стефан Лупино од Хрватска, еден од најпознатите естрадни и модни фотографи од поранешните југословенски простори кој е познат и на светско ниво.

Во седумдесетите и осумдесетите години на минатиот век, Лупино престојува во Њујорк, каде е препознат од големите издавачки куќи и станува фотограф на познати списанија.

Негови фотографии се објавени на насловните страни на  ”Detalis”, “Vogue”, “Photo”, “Zoom”,”Europeo”, “L’Espresso” и многу други светски списанија. Тој и денеска е актуелен фотограф на “Playboy”.

Покрај со фотографија, Лупино се занимава и со скулптура и сликарство.

Конкурс за финансирање на проектот „Град на културата“ во 2015

$
0
0

Министерството за култура го објави конкурсот за финансирање на проектот „Град на културата“ за 2015 година, на кој заинтересираните општини треба да аплицираат до 15 декември 2014 година. Градовите треба да достават програма со препознатлива културна и историска традиција со презентација на актуелните културни вредности.

Пријавата треба да се преземе од веб–страницата на Министерството за култура (www.kultura.gov.mk) и да се пополни електронски со впишување податоци на означеното место.  Во конкурсот на Министерството се наведени и документите кои задолжително треба да се достават заедно со пополнетата пријава: прецизна фестивалска програма со краток осврт на проектите кои се составен дел од програмата; документ за обезбедените средства од други извори на финансирање (локална самоуправа, сопствено учество, спонзорства, донации, друго).

Пријавата и програмата во врска со Конкурсот може да се достават до Министерството за култура по пошта на адреса: ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61 – Скопје или во писарницата на Министерството за култура најдоцна до 16.30 часот на последниот ден од Конкурсот.

За резултатите учесниците ќе бидат писмено известени со решение на Министерството за култура, а тие ќе бидат објавени и на веб-страницата на Министерството.

Целта на конкурсот е да се создадат услови за рамномерен културен развој и достапност на граѓаните до културните вредности и нивно масовно користење, како и за да се поттикне заживувањето на културата на локално ниво.

Општината која ќе биде избрана на конкурсот ќе биде 12-та што ќе ја носи титулата „Град на културата“, а ќе ја преземе од Крушево. Во претходните години домаќини беа Радовиш, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес, Кавадарци, Гевгелија, Кочани и Крива Паланка. 

Португалски квир филмови во соработка со „Синедејс“

$
0
0

Во рамки на 13. издание на фестивалот „Синедејс“, оваа година, во соработка со ЕУ Инфо центарот во Скопје, со финансиската поддршка од Европската Унија, свое претставување ќе има фестивалот „Queer Lisboa“, посветен на тематски квир филмови од Лисабон, Португалија.

Гости на програмата ќе бидат директорот на фестивалот, João Ferreira како и уметничкиот селектор на програмата на фестивалот, João Romãozinho кои на отворањето вечерва, ќе го престават фестивалот, можностите за соработка и нивните успеси, а по проекцијата ќе останат за краток разговор со публиката.

Последната проекција од оваа програма ќе се одржи на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права.

sinedejs-portugalskiKvir

Селекцијата на португалските квир филмови ќе бидат прикажани во ЕУ Инфо центарот во рамки на серијата настани “Културни приказни”, со бесплатни проекции, во следниот распоред:

21.11. 20:00

E Agora? Lembra-me | What now? Remind me | Што сега? Потсети ме (Portugal, 2013, 164’, + 18)

27.11.2014, 20:00

New Short Queer Films (total length: 95’, + 18)

10.12.2014, 20:00 hrs

A Última Vez que vi Macau | The Last Time I Saw Macao | Последниот пат кога го видов Макао (Portugal, 2012, 82’, + 16)


Трибина за современите македонско-хрватски книжевни релации

$
0
0

Стотина книги од хрватски јазик се преведени на македонски во изминатите две децении, што не е и обратен случај –  македонските автори се многу помалку преведени и застапени на хрватскиот пазар. На две главни причини се должи таквата несразмерност – нема преведувачи од македонски на хрватски јазик и нема системско преведување и пласирање на македонските дела.

Учесниците на денешната трибина за современите македонско-хрватски книжевни релации и модели на пласман оценија дека писателите се оставени сами на себе кога е во прашање наоѓање издавач и преводите ги обезбедуваат преку  лични контакти. Проблем е и отсуството на книжевна критика во дневниот печат која е важна за претставување на книжевното дело пред читателот.

Писателот и проф. по Нова хрватска книжевност на Филолошкиот факултет Венко Андоновски, кој беше модератор на трибината, спомна дека поминале 11 години од објавата на неговиот роман „Папокот на светот“ до појавата на хрватскиот превод и  тоа се случило по приватно познанство со издавачот.

„Македонска реч“ има најголем број преведени дела од хрватски на македнски јазик: 22 од 15-ина автори. Сопственикот Нове Цветановски рече дека 80 отсто од книгите се наградувани или биле во потесен избор за награди, а ги избира како што рече  откако ќе процени дека е вредно во хрватската литература.

Голем број од преводите ги објавил со поддршка на Министерството за култура на Хрватска за кое рече дека има еден од најдобите модели за афирмација на хрватската литература во светот и овозможило услови странски издавачи на конкурс отворен во целата година да објавуваат хрватска литература.

- Тоа не се големи грантови, но начинот е  најдинамичен и најконкретен, рече Цветановски кој беше меѓу иницијаторите и учесниците во  креирањето на конкурсот за странски издавачи кој почна да го објавува и Министерството за култура на РМ. – Се ндевам дека разликата на објавени дела меѓу Македонија и Хрватска ќе се ублажи со нашиот конкурс, истакна Цветановски. Додаде дека на македонскиот пазар воопшто послаба е продажбата на дела од словенскиот свет, и дека и врвни дела од руски или полски автори кои добро се продаваат на Запад, овде остануваат незабележани.

И Александар Прокопиев ја пофали културната политика на Хрватска. - Културната политика во Хрватска е перфектна. Министерството за култура има оддел за маркетинг кој нема никакви политички или политикански интереси, рече Прокопиев, според кого единствена шанса за пласман на македонските творци е да се формира добро организирана менаџерска агенција. Потребни се, рече тој, и нови преведувачи, зашто единствен официјален преведувач од македонски на хрватски е се уште проф. Борислав Павловски кој живее и работи во Загреб,

Преведувачки потенцијал се очекува од Лекторатот во Риека, каде што има најголем број слушатели од сите лекторати по македонски јазик во светот.

Загрепскиот поет и уредник на „Кворум“ Бранко Чегец рече дека до хрватскиот читател малку допира и литератрата од други земји од регионот, а не само од Македонија, и смета дека книгите се видливи преку маркетингот и со медиумска поддршка.

- Сцената во Македонија е жива и има цела низа интересни автори кои веројатно би имале некоја своја публика во Хрватска. Но прашањето е како да се презентираат, рече Чегец за кого клучен е маркетингот и затоа книгите од Запад имаат толку голем одек. – Целата работа така е веќе одработена, што во нашите размени и преводи не се случува. Многу е тешко да се спакуваат нашите меѓусебни преводи така што ќе постигнат широк ефект преку читателите. Ние засега работиме нешто што е културолошка работа, рече Чегец.

Есеистката од Осиек Хелена Саблиќ-Томиќ смета дека треба да постои систем за превод на авторите, а не преводите да бидат фрагментарни, инцидентни и договорени преку  приватни контакти.

- Се забележува дема нема библиотеки или издавачи кои ќе се занимаваат со преведување и презентирање  автори од одреден простор. Кога би постоело тоа, ние би имале попрегледна слика, на пример за современата македонска проза, како што и македонските читатели би имале попрегледна слика за хрватската современа  продукција, рече Саблиќ-Томиќ.

Чекор во унапредувањето на книжевната соработка меѓу двете земји е договорот за соработка  меѓу националаните и универзитетски библиотеки од Скопје и Загреб, кој денеска го потпишаа нивните директори Иван Заров и Дуња Сајтер-Шверко.

Трибината беше во рамки на Деновите на хрватската книжевност во Македонија, организирана од НУБ „Св. Климент Охридски“, во чии рамки во холот на Библитеката е отворена и изложба на хрватски дела преведени и објавени на македонски јазик.

Почина истакнатиот македонски сликар Милош Коџоман

$
0
0

По кратко боледување вечерва почина истакнатиот македонско сликар Милош Коџоман.

Милош Коџоман е роден 1952 година во Скопје.

Денови на македонската култура во Осиек

$
0
0

Во рамки на манифестацијата 20. Денови на македонската култура денеска во Осиек ќе бидат отворени изложби и ќе се одржи концерт во организација на Заедницата на Македонците во Република Хрватска и Македонското културно друштво „Браќа Миладиновци“ од овој град.

„Македонија така далечна, а така блиска“ е насловена изложбата на Драгољуб Силјаноски на стари македонски разгледници и пригодни коверти кои го поврзуваат македонскиот и хрватскиот народ. Ќе бидат изложени и слики масло на платно на Фрањо Бољешиќ, како и ракотворби на членовите на етно секцијата „Везилки“.

Во рамки на оваа манифестација ќе се одржи и концерт по повод 20 годишнината од постоењето и работата на МКД „Браќа Миладиновци“.

Покровители на манифестацијата се Советот за националните малцинства на Република Хрватска и Осјечко-баранската жупанија и град Осиек.

Поетскиот караван на ДПМ во родното село на Гане Тодоровски

$
0
0

Поетскиот караван на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска продолжува во селото Кожле, општина Петровец, во рамки на културно-научната манифестација „Ганеви денови“.

Во знак на чествување на големиот македонскиот поет и долгогодишен член на ДПМ, Гане Тодоровски, во селото Кожле, од каде што потекнува неговото семејство и каде што е неговиот вечен дом, ќе настапат истакнати македонски поети од повеќе генерации.

Љубителите на поетскиот збор на оваа средба ќе имаат можност да го проследат настапот на Иван Чаповски, Методија Фотев, Раде Силјан, Ресул Шабани, Веле Смилевски, Бранко Цветкоски, Трајче Кацаров, Гордана Михаилова Бошнакоска, Кочо Топузоски, Данило Коцевски, Братислав Ташковски, Сеида Бегановиќ, Јордан Плевнеш, Оливера Доцевска, Миле Јовановски Поречанец, Олга Панкина, Димо Димчев, Методија Тошевски, Мирче Нешовски, Горан Анчевски и Благој Самоников.

Договорено е средбата да има традиционален карактер и секоја година да се одржува во соработка меѓу ДПМ и Културно-научната манифестација „Ганеви денови“.

Караванот на ДПМ се организира во рамки на проектот за дисперзија на културните настани во Македонија.

Друштвото на писатели го распиша конкурсот за годишните награди за литература

$
0
0

Друштвото на писателите на Македонија го распиша конкурсот за најуспешни литературни остварувања во 2014 година.

Ќе бидат доделени традиционалните награди „Ацо Шопов“ за поезија, „Стале Попов“ за проза, „Димитар Митрев“ за критика и есеистика, „Ванчо Николески“ за книга за деца и наградата „Мостови“ за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите.

Книгите објавени во тековната година до ДПМ треба да бидат доставени до крајот на декември, а наградите ќе бидат врачени на 13 февруари идната година, на свеченоста по повод јубилејот од основањето на Друштвото на писателите на Македонија.

„На коњите им се кратки нозете“ –Кооперација изложува во Белград

$
0
0

Уметничката иницијатива Кооперација која создава и ја промовира критичката уметност како одговор на сложената состојба во Македонија, ќе гостува во

белградската галерија Ремонт со изложбата „На коњите им се кратки нозете“чие отворање е вечерва во 19 часот.

Насловот на изложбата доаѓа од графитот кој се појави на зградата на Министерството за култура во Скопје по објавувањето на моделите за првиот пар споменици со коњаници од проектот „Скопје 2014“.

На изложбата ќе се претстават уметниците Игор Тошевски, ОПА (Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски), Оливер Мусовиќ, Филип Јовановски, Никола Узуновски, Ѓорѓе Јовановиќ иВладимир Јанчевски.

kooperacijaIzlozba1

Преку изложбата „На коњите им се кратки нозете“Кооперација прави пресек на досегашните обиди да се тематизираат и проблематизираат современите општествени феномени, преку лоцирање на точките на преклопување на критички ориентираната уметност и пропагандните механизми, како и опасностите и последиците од враќањето на големите нарации кои резултираат со неконтролирани националистички изблици. Авторите застапени на изложбата презентираат дела кои се (директна) реакција на еднонасочните инструментализирачки механизми и централизираните културни политики кои се причина за радикална поделеност на македонското општество и заострени конфронтации. Во делата, кои се документ на нивните естетско-морални позиции, авторите, отфрлајќи ја упростената иронична дистанца кон проблематичната стварност, истата ја проблематизираат искористувајќи различни, но сепак видливо конвергентни стратегии и постапки – од отврена критика, до симулација на претерана идентификација, во обид да го разоткријат социо-политичкиот контекст и да го делегитимираат доминантниот, наметнат дис

-Уметниците се ставени пред сериозен предизвик како да го одбранат заедничкиот простор, бидејќи токму просторот на јавноста, е неопходниот услов за спроведување на демократијата. Овде, борбата за автономија не се однесува на автономијата на уметничката дисциплинарност во специфичноста на уметничките медуми и нивната внатрешна логика, ќорсокак до кој доведе модерната телеолошка концепција за уметноста. Напротив, таа се однесува на нешто многу побазично, многу попшто, а тоа е сувереното демократско право да се биде општествено активен, одговорен, да се изразува спремност да се предлага, да се критикува. Правото на мислење и аргументирана борба за сопствената позиција е основен предуслов за живот во заедница, дури и во целосно фрагментирана реалност, или во најмала рака, за непречено и рамноправно споделување на истиот физички простор, посочуваат одКооперација.

Изложбата во Белград ќе биде отворена до 29 ноември.

ДПМ одбележува осумдесет години од раѓањето на Петре М. Андреевски

$
0
0

Друштвото на писателите на Македонија со свечен собир, в среда (26 ноември) во 12 часот, ќе ја одбележи 80-годишнината од раѓањето на големиот македонски писател Петре М. Андреевски. За творештвото на Петре М. Андреевски ќе зборува поетот, литературен критичар и есеист Раде Силјан, претседател на Собранието на ДПМ, а стихови од култната стихозбирка „Дениција“ ќе кажуваат артистот Борче Начев и Александра Велинова.

Петре М. Андреевски (1934 – 2006) е претставник на третата генерација современи македонски писатели. Како поет, раскажувач, романсиер и драмски писател создаде значаен опус, бележејќи еден од магистралните текови во развојните процеси на македонската литература. Неговите стихозбирки „Дениција“, „Пофалби и поплаки“ и „Вечна куќа“, збирките раскази „Седмиот ден“ и „Неверни години“, и романите „Пиреј“, „Скакулци“ и „Последните селани“ се одликуваат со високи естетски стојности.

Петре М. Андреевски беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1964 година. Во еден мандат беше претседател на ДПМ.


Реализација на проект за санација на земјиното тло под вредниот иконостас во црквата „Св. Јован“ во Крушево

$
0
0

Со средства обезбедени од Министерството за култура во тек е реализацијата на проектот за санација на земјиното тло под вредниот иконостас во црквата „Св. Јован“ во Крушево.

Во изминатиот период, соопшти Министерството за култура, забележано е слегнување на земјиното тло под овој значаен објект од сакралната архитектура со што е загрозен вредниот иконостас кој пленува со својата грандиозност и копаничарска изведба во плитка резба. За таа  цел стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Прилеп изработија проект и почнаа со санација на земјиното тло.

Во рамки на досега преземените активности согласно проектот, како што се наведува, поставена е армирано бетонска греда со што ќе се спречи понатамошното слегнување, односно тонење на подлогата под иконостасот. Проектот за санација на земјиното тло на црквата целосно ќе биде завршен до крајот на годинава.

Црквата „Св.Јован“ или кај народот позната уште и како Влашка црква е трикорабна базилика, изградена кон  крајот на 19 век,  а целосно завршена во 1904. Во црквата во која нема живопис, доминира дрвен иконостас изработен  од браќата Несторови, чија изработка траела околу четири години.

Изложба на писателот Христо Петрески

$
0
0

Изложбата „Митски плодови“ од Христо Петрески, утревечер во 19 часот ќе биде отворена во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци.

Истовремено, ќе биде промовиран и неговиот најнов роман „Славејот што пееше ноќе и сам“, во издание на „Феникс“ од Скопје.

На ликовната изложба ќе бидат претставени 44 ликовни дела на тема митски плодови, а ова е прва голема самостојна ликовна изложба на писателот Христо Петрески, кој инаку досега има излагано и во Битола, Радовиш, Ресен и во Скопје.

Романот „Славејот што пееше ноќе и сам“ е негов четврти роман за возрасни, како дел од четирилогијата романи посветени на Скопје.

Урошевиќ и Прокопиев во антологија на европски раскази

$
0
0

Влада Урошевиќ и Александар Прокопиев се објавени во годишна антологија на најдобри европски раскази на познатиот американски издавач Dalkey Archive Press.

Во антологијата се објавени извадоци од „Седмата страна на коцката“ на Урошевиќ и од „Змиулче“ на Прокопиев.

Преводот на англиски е на Вил Фирт, кој за ова антологиско издание преведе уште седум раскази на автори од Хрватска, Србија и од Црна Гора.

Приредувач на антологијата е словенечкиот писател Драго Јанчар.

Изложба на графики од колонијата „Гевгелија“ во Гевгелија

$
0
0

Работничкиот универзитет „Кирил и Методиј“ во Гевгелија е организатор на изложбата на графики од колекцијата на графичката колонија „Гевгелија“ која денеска беше отворена во фоајето на хотелот „Аполонија“.

Директорот на работничкиот универзитет Атанас Крстев, информира дека се изложени дваесетина графички дела кои се селектирани како највпечатливи од исклучително богатиот фонд создаден низ две децениското постоење на колонијата во чија што работа учествувале најпознатите уметници графичари од нашава земја и од просторот на поранешна Југославија.

За љубителите на овој уметнички жанр, колекцијата на графики ќе биде изложена наредните десет дена.

Педесет и еден филм на четвртиот „Анимакс Скопје фест“

$
0
0

На 4. Меѓународен фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје фест 2014“ ќе биде прикажан 51 филм, од кои осум се наманети за детската публика. Фестивалот ќе се одржува од 4-ти до 6 декември во Кинотека на Македонија, под мотото „Ако сите светат, ти блескај“.

Филмовите што ќе бидат прикажани во трите фестивалски дена се  избрани од пријавените рекордни 326 анимации од 52 земји во светот, меѓу кои најголем број од Франција, Шпанија, Германија, Полска, Италија, Бразил, како и филмови од Ирак, Иран, Индија, Јужна Кореја, Тајван, Куба, Перу… Голем дел од нив се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.

На последниот ден од фестивалот, 6 декември, ќе бидат доделени наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула, за кои ќе одлучува интернационално жири. Ќе  биде доделена и Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат деца.

Филмовите ќе се прикажуваат од  20 часот. Детската програма во четврток и петок ќе ја следат деца организирани од основните училишта, а во сабота детската програма ќе почнува во 12 часот и ќе биде отворена за сите заинтересирани. Билетите за фестивалот чинат 50 денари и може да се купат на влезот на Кинотеката.

За време на фестивалот ќе бидат одржани и работилници во просториите на Кинотеката на Македонија. Целосната програма е објавена на веб-страницата на фестивалот animaxskopjefest.mk.

Првиот фестивал на анимиран филм во Македонија „Анимакс Скопје фест“ го организира продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Министерството за култура и Кинотеката на Македонија.

Viewing all 8033 articles
Browse latest View live