Quantcast
Channel: Култура –А1он
Viewing all 8033 articles
Browse latest View live

Доделени државните награди „23 Октомври“

$
0
0

Во Собранието на Република Македонија денеска, по повод Денот на македонската револуционерна борба, беа врачени државните награди „23 Октомври“.

За остварување во областа на културата и уметноста наградата ја добија музичкиот уметник проф. д-р Драган Даутовски, актерот Ванчо Петрушевски и ликовниот уметник Реџаи Исени, додека за остварување во областа на науката и образованието, историчарот и филозоф Стефан Влахов и албанологот Агим Пољоска. 

Од името на наградените, благодарност искажа актерот Петрушевски, нагласувајќи дека „23 Октомври“ е голем чест и дополнителен поттик за натамошна работа.

– Ми претставува голема чест што ја добив оваа награда, а убеден сум дека е чест за сите добитници и им ја честитам од срце. И покрај годините, ова ќе ни биде сепак еден голем поттик да продолжиме понатаму, рече Петрушевски.

Тој се бројува во редот на исклучителните актери кој на сите свои улоги им пристапува со препознатлив такт и леснотија. Многу генрации го препознаваат по ликот на Рамче кој не фрла сенка врз остатите ликови што ги игра во театарот. Петрушевски е еден од творците на серијата Македонски народни приказни и еден од првите Македонци што играле во странски филм. Неговите многубројни настапи на естрадата, радиото, филмот и телевизијата, неговиот талент, умешност и шарм го прават еден од најпопуларните ликови во земјата и пошироко.
Даутовски во текот на својата долгогодишна работа има остварено исклучителни резултати во полето на педагошката, научно-истражувачката, уметничката, концертната и издавачката дејност. Тој е неуморен афирматор на македонското културно-историско наследство и еден од најголемите промотори на нашата традиционална уметност.

Исени работел како наставник по ликовно воспитание во основното училиште во Матејче, Куманово, до неговот, пензионирање во 2000 година. Завршил Ликовна академија во Скопје, во класата на професорот Ванѓел Коџоман. Бил член на ДЛУМ, реализирал многу самостојни изложби, добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои и „Тутуноберачите“ во 1973 година и „11 Ноември“ во 1995 година, а во 2012 учествувал и на „Остен биенале“.

Творечкиот интерес на Влахов Мицов е насочен кон повеќе области. Тој е автор на многу студии и есеи. Неговите текстови не ги третираат историските настани на класичен начин, туку преку поинаков филозофски пристап. Во анализата на историските проблеми, Влахов Мицов секогаш ги вклучува и актуелниот општествено-политички момент, како и актуелните прашања. 

Пољоска е редовен професор на Катедрата за албански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Покрај својата редовна работа, редовно бил вклучен и во педагошко-научни активности. Соработник е на неколку научно-истражувачки проекти од регионален и меѓународен карактер. Неговите трудови и студии, збогатени со богата лингвистичка интерпретација се цврста основа за проучуање на македонско-албанските јазични контакти.

Пред доделувањето на наградите се обрати академик Вера Битракова – Грозданова, нагласувајќи го значењето на денешниот празник. 

– Тој претставува стожерна точка во обединувањето на националниот, интелектуалниот и слободарскиот  дух на македонскиот народ, изблик на неговиот стремеж за себеподдржување, зачувување на неговата посебност и за негово севкупно издигнување, рече академик Битракова.

Внатрешната македонска револуционерна организација, додаде, е симбол на Македонците, нивен заштитен знак во борбата за слобода.

– ВМРО ќе ги постави вистинските насоки иако подоцна, пренасочувани од разните пропаганди, ќе доведат, за жал, најдоцна на балканските простори, формирање на македонската независна држава. Во оваа идеја ќе израснат бројни знамените личности на нашата историја кои ќе го распостелат вечниот стремеж за слобода и за формирање своја држава базирана на цивилизациски вредности, престиж на полета на науката и културата, соживотот и толеранцијата, подвлече академик Битракова.

По повод Денот на македонската револуционерна борба денеска делегации на Собранието на Република Македонија и на Владата, пратеници, претставници на Градот Скопје и Армијата на Република Македонија, положија цвеќе пред споменикот на основачите на ВМРО во паркот „Жена борец“.

Градскиот дувачки оркестар, пак, одржа Парадно дефиле низ улиците на Скопје, од Музејот на Град Скопје, преку улицата „Македонија“, до градскиот плоштад. 


КУД „Дримкол“ од Вевчани на европска турнеја

$
0
0

Културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани со концертот што го одржа синоќа во Стара Пазова, Србија, ја почна 10 дневната европска турнеја. Во рамки на турнејата концерт ќе има и на манифестацијата „Денови на македонската култура“, што од 27 до 29 октомври ќе се одржува во главниот град на Литванија, Вилнус.

– Со синоќешниот концерт во Стара Пазова, КУД „Дримкол“ од Вевчани ја почна 10 дневната турнеја со цел презентација и промоција на Македонија преку фолклорната култура и традиција во Вилнус, Литванија. Во рамките на турнејата ќе имаме настапи и во Полска со два два концерти во Здунска Вола и Варшава, информира претседателот на КУД „Дримкол“ Тошо Чочороски.

Публиката, нагласи тој, ќе има можност да се воодушевува со традиционалните македонски игри, изворни песни и носиите од нашите краишта.

– Со оваа турнеја КУД „Дримкол“ уште еднаш го потврдува својот статус- амбасадор на вевчанската и македонската култура и традиција и верно ја оддржува својата мисија и промоција на Македонија низ светот, истакна Чочороски.

Деновите на Македонската култура во Вилнус се поддржани од Министерството за култура на Република Македонија.

„Ничија земја“ на Биеналето на архитектура во Венеција

$
0
0

Македонскиот павилјон на 15. Венециско биенале за архитектура 2016, со проектот „Ничија земја“ на архитектите од проектантското студио „Стоун дизајн“ од Скопје ќе биде отворен до 27 ноември.

Со делото „Ничија земја“, кое е инсталација – објект,  Македонија првпат се претставува со наменски проект за Биеналето на архитектура 2016.

Куратор на проектот е Стојан Павлески (архитект и визуелен уметник), автори на проектот се Стојан Павлески (архитект и визуелен уметник), Иван Симеонов (архитект, инженер), Ѓорги Радовановиќ (архитект) и Љупчо Тасевски (архитект).

Комесар на Македонскиот павиљон е Иванка Апостолова (ликовен антрополог, историчар на уметност), соработници на проектот се Влатко Чавковски (архитект и фотограф), Натали Павлеска (архитект), Ристо Кокаланоски (архитект), советници на проектот се професор и визуелен уметник Станко Павлески (ФЛУ, Скопје) и Јован Шумковски (ФЛУ, Скопје). Ко-уредници на посветениот каталог на проектот се Иванка Апостолова и Стојан Павлески.

На годинашното Биенале, кое се одржува од 28 мај до 27 ноември, националната архитектура ја претставуваат вкупно 61 земја, а првпат учествуваат Казахстан, Нигерија, Филипини и Јемен. Селектор на главната архитектонска изложба е реномираниот архитект Алехандро Аравена од Чиле, добитник на наградата Прицкер, која често се нарекува и Нобелова награда во архитектурата. 

„Златна лира 2016“: Концерт на Елена Костовска

$
0
0

Во рамки на фестивалот „Златна лира 2016“ вечер во Музеј на град Скопје концерт ќе одржи пијанистиката Елена Костовска.

На програмата се дела од Шуман, Купрен, Дебиси, Шопен, Лекуона и Зографски.

По концертот ќе биде промовирано и ЦД-то со изведби на Костовска.

Почнува фестивалот „Книжевни ѕвезди“

$
0
0

Сценски перформанси, дебати, креативни детски работилници, филмски проекции и концерти ќе понуди 2. Фестивал на европската литература „Книжевни ѕвезди“ што почнува денеска, а ќе трае до 11 ноември.

Фестивалот годинава е во знакот на жените. Под мотото „Симни ми ѕвезда“, пред домашната публика ќе бидат претставени четири исклучителни писателки од Европа, една македонска писателка од новиот бран, антологија на современите македонски поетеси, антологија на најубавите песни од европски авторки, а книжевната трибина, исто така, е посветена на оваа тема.

Како што најавува организаторот, издавачката куќа „Антолог“, покрај книжевни промоции, предвидени се и десетина концерти и настапи на познати бендови, како и друг вид млади уметници, сценски перформанси, дебати, креативни детски работилници и филмски проекции иако фокусот останува на книжевноста.

– Мотото „Симни ми ѕвезда“ ја прикажува литературата како нешто најдлабоко и облагородувачко во нашите животи. Ѕвездите се симбол на копнежот по љубовта и по возвишеното. „Симнувањето ѕвезди“ е човечки обид да се спојат земското и вонземското, телесното и духовното, и во буквална и во метафорична смисла, вели организаторот.

„Книжевни ѕвезди“ е поддржан од Европската унија, Министерството за култура на Република Македонија, амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Официјалниот фестивалскиот спот го изработи Александар Котевски, а фестивалската мелодија е на Алмир Бајрамоски и Тони Арслан.

Фестивалскиот слоган е инспириран од хаику поезијата на поетот Никола Маџиров.

Почнува 15. Албански театар во Македонија

$
0
0

Во Центарот за култура во Дебар вечер почнува 15. Албански театар во Македонија на кој ќе учествуваат теaтри од Македонија, Албанија и Косово.

Фестивалот ќе го отвори градоначалникот Ружди Љата по што ќе биде изведена комедијата „Болен за ум“ на театарот од Куманово, албанска драма, во режија на Ахмет Јакупи.

Албански театар кој традиционално се одржува во Дебар ќе трае шест дена, а љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да проследат осум претстави, од кои една вон конкуренција.

Последната фестивалска вечер ќе бидат доделени наградите за најдобра претстава, режија, актер и актерка.

Одржувањето на фестивалот финаниски и годинава го подржуваат Министерството за култура на Република Македонија и општина Дебар.

Недела на шпански филм во Битола

$
0
0

Од денеска до 30 октомври во Битола ќе се одржува Недела на шпански филм, во организација на Центарот за култура и Амбасадата на Шпанија.

Според програмата, циклусот филмови ќе почне со романтичната комедија „Мигел и Вилијам“ во режија на Инес Парис, а ќе продолжи со „Ѕвезда што паѓа“ во режија на Луис Мињаро.

– Филмофилите од Битола го очекуваа циклусот филмови од Шпанија и затоа ќе им ги понудиме и „Среќна ѕвезда“ во режија на Рикардо Франко, трилерот „Нема мир за злите“ во режија на Енрике Урбизу“, урбаната комедија „Овците не го пропуштаат возот“ во режија на Алваро Фернандез Армеро, анимираниот филм за авантурите на Дон Кихот и Санчо Панса „Магарето на Дон Кихот“ во режија на Хосе Позо, а ќе биде прикажан и „Сите тие се мртви’ во режија на Беатриз Санчез, велат од Центарот за култура.

Ревијата шпански филмови ќе заврши со двата дела на анимираниот филм „Дон Кихот Де Ла Манча“ во режија на Круз Делгадо и Хозе Ромагоса, како и со играниот филм „Мал Остров“ во режија на Алберто Родригез, Битола.

Ѓорѓоска Илиевска се сретна со уметничкиот директор на Фестивалот „Џифони искуство“, Губитози

$
0
0

Директорката на Агенција за филм на Република Македонија, Мими Ѓорѓоска Илиевска вчера се сретна со креаторот и уметничкиот директор на Фестивалот „Џифони искуство“ Giffoni Experince, Клаудио Губитози.

Од Агенцијата за филм денеска соопштија дека Губитози на средбата го изразил своето задоволство од досегашната соработка. Ѓоргоска Илиевска истакнала дека особено и е чест што соработката со Фестивалот „Џифони искуство“ продолжува и во наредниот период и ќе има многу нови активности не само за младите од Македонија и пошироко, туку и за самиот бренд „Џифони Република“.

Денешниот фестивалски ден од Сказноверзумот на Џифони, како што се наведува, ќе биде одбележан од неколку случувања.

Од Агенцијата информираат дека по вчерашната прекрасна дискусија со Нурсен Четин Корекен, продуцентката на филмот во селекција „Син велосипед“, денеска најмладите ќе имаат можност да го проследат филмот „Малиот гангстер“ по што ќе следи дискусија, а во МКЦ ќе стартуваат и работилниците предвидени за оваа категорија: Кореодрама, Стрип, Анимација и Pocket Gallery.

Денот на кадетите почнува со проекција на филмот „Кутија“, додека сениорите ќе имаат можност да го погледат „По оној свет“ по што ќе следи дискусија. Од 13 часот во МКЦ гости ќе бидат актерите од „Џган“, како и Губитози и Ѓоргоска Илиевска. Во киното Фросина ќе се одвива проекција на „Панкот не е мртов“.

Вечер од 19 часот е предвидена Интернационалната вечер – Ноќ посветена на филмската музика во изведба на Јаков Наумоски – дел од локалното жири во категоријата кадети. На оваа вечер, сите земји учеснички дел од меѓународното жири ќе имаат можност да ги претстават сопствените култури и обичаи и да уживаат во заедничката дружба, соопштија од Агенцијата за филм.


(ВИДЕО) Алаѓозовски: Пропаѓа фреската со ангелот од 50-денарката поради негрижата на Канческа Милевска

$
0
0

„Се наоѓаме пред црквата „Свети Ѓорѓија“ во Курбиново. Наместо симбол на културата и уметноста, оваа црква стана симбол на негрижата за културното наследство.

Тука се наоѓа и прочуената фреска со „Ангелот од Курбиново“, кој е симбол на нашата 50-денарка. Ангелот од Курбиново, и другите антологиски фрески во оваа црква, се во очајна состојба поради негрижата од страна на Министерство за Култура.

Црквата „Свети Ѓорѓија“ е прогласена за културно наследство уште во далечната 1952 година. Сега е доведена во опасност од уништување затоа што не се преземаат никакви конзерваторско-реставраторски активности.

Црквата има активни пукнатини на сите четири страни поради лизагањето на теренот по проблематичните археолошки истражувања. Објектот е во опасност од прокиснување поради руинираниот и дотраен покрив, кај дел од фреските се забележани знаци на избледување.

Почитувани, Елизабета Канческа Милевска беше многу пати алармирана, но не презеде никакви конкретни мерки за заштита на црквата и вредните фрески.

Министерството за култура продолжува да троши милиони евра на кич и барокни фасади, а не презема никакви мерки за заштита на богатото културно наследство.

По 11 декември, новата Влада ќе го сопре тендерското барокно лудило во Скопје и ќе ги пренасочи средствата за заштита на културното наследство кое пропаѓа поради криминалните апетити на „фамилијата“, изјави Роберт Алаѓозовски, претседател на Комисијата за култура на СДСМ.

Книжевно дружење со Горан Ферчец од Хрватска

$
0
0

Еден од најдобрите млади хрватски прозаисти и граѓански активист Горан Ферчец овој месец престојува во Скопје, во рамки на книжевната резиденција за автори од Југоисточна Европа.

По тој повод издавачката куќа „Готен“, организатор на престојот и издавачката куќа „Икона“, која на македонски го објави неговиот прв роман „Овде нема да има чуда“ организираат книжевно дружење со Горан Ферчец и промоција на романот.

Промоција на роман од Горан Ферчец

Резиденцијалната програма за книжевници, под покровителство на мрежата Традуки и Град Скопје, им овозможува на автори од Југоисточна Европа да престојуваат во главниот град. Авторите имаат можност да се запознаат со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Скопје, продлабочувајќи ги своите контакти и развивајќи ја соработката со македонската книжевност и култура. Авторите во Скопје работат на своите дела или преводи, посетуваат културни настани, организации и институции и учествуваат во јавни настани во Скопје и други градови во земјата.

Горан Ферчец е роден во Копровница, Хрватска во 1978 година. Тој е автор, драматург и драмски писател. Дипломирал драматургија на Академијата на драмски науки во Загреб, член е на редакцијата на магазинот за изведувачки уметности Фракција, како и на Хрватската асоцијација на драмски уметници.

Неговиот роман „Овде нема да има чуда“ беше објавен од хрватската издавачката куќа „Фрактура“ во 2011. Во 2015 објави книга есеи „Прирачник за вчера – тринаесет есеи“. Романот влезе во потесниот избор за сите релевантни книжевни награди во Хрватска, а преведен е и во Македонија. Ферчец ја добил годишната награда на Министерството за култура на Република Хрватска за романот „Овде нема да има чуда“, како еден од најдобрите десет романи во 2011.

Отворен 15-от фестивал „Албански театар во Македонија“

$
0
0

Во Центарот за култура во Дебар синоќа беше отворен фестивалот „Албански театар во Македонија“, кој по петнаесетти пат се одржува во Дебар.

На отворањето настапија актерите од Кумановскиот театар-албанска драма со комедијата „Болен за ум“ од Молиер во режија на Ахмет Јакупи, кои за изведбата беа поздравени со бурен аплауз од многубројната публика.

Фестивалот за отворен го прогласи Башким Машкули, претседател на Советот на Општина Дебар, кој вети понатамошна поддршка од локалната власт за овој фестивал.

За директорот на фестивалот, Илбер Нуредини, и овој 15-ти фестивал со изборот на претстави ќе ја потврди својата успешност.

– За да биде она што е денес овој фестивал, им се заблагодаруваме на сите оние кои придонеле во подготовката, организацијата и одржувањето на фестивалот. Посебна благодарност до Министертвото за култура на Република Македонија, Општина Дебар, Центарот за култура и други донатори со чија поддршка фестивалот опстојува, рече Нуредини.

Во шест фествалски вечери ќе бидат изведени осум претстави на ансамбли од Македонија, Албанија и од Косово, од кои една е вон конкуренција.  На последната фестивалска вечер ќе бидат доделени  наградите за најдобра претстава, режија, актер и актерка.

„Мрак”–нова поетска книга на Ристо Лазаров

$
0
0

​Издавачката куќа „Везилка 2011″ од Скопје ја објави дваесет и седмата поетска книга на Ристо Лазаров, насловена „Мрак”. Книгата содржи 43 песни распоредени во шест циклуси.

Во поговорот кон книгата насловен „Поетски светлини во сеопштиот мрак”, поетот и универзитетски професор Владимир Мартиновски напоменува дека најновата книга на Лазаров опева мракови кои не се далеку од нас: во утробата на земјата или во некое далечно, егзотично минато.

– Ристо Лазаров пее за мраковите сега и тука. За мракобесието кое е наше секојдневие. За мракот денес. Во песните поместени во „Мрак” не се прави обид да се ублажат и замазнат мракот и злото. Неправдите и злоделата не се релативизираат. Тоа се храбри, стамени и хумани песни. Впрочем, целата најнова поетска книга на Ристо Лазаров е смела, храбра, бунтовна. Во ова лицемерно време, на сите ни е потребна една ваква книга-опомена. Затоа, иако е именувана Мрак, пред нас, во суштина, е една светла книга, заклучува Мартиновски во предговорот на книгата.

Специјално издание по повод 200 години од објавувањето на „Огледало“ од Пејчиновиќ

$
0
0

По повод 200-годишнината од објавувањето на книгата „Огледало“ од Кирил Пејчиновиќ, издавачката куќа „Силсонс“ од Скопје подготви специјално издание (Огледало за огледало), со напореден превод на современ јазик од Игор Калпаковски.

– Кон ова круцијално дело на македонската просвета, приредувачот проф. Борис П. Момировски Лешанин, објавува толкувања во кои ја нагласува историската улога на книгата за нашата духовна култура во изминатите два века, соопшти издавачот.

Кирил Пејчиновиќ Тетоец (1771-1845) спаѓа во редот на големите македонски дејци, кои оставија длабоки траги во целокупната македонска духовна култура.

Покрај „Огледало“, која е отпечатена во Будим во 1816 година, Пејчиновиќ е автор и на книгите „Слово за празниците“ и „Утешение грешним“ кои имале непроценлива улога во просветувањето на македонскиот народ. Неговиот Епитаф, пак, литературната наука го смета за прва песна напишана во народен дух.

Средба на Канческа-Милевска со директорот на „Џифони“, Губитози

$
0
0

За Република Македонија е огромна придобивка вмрежувањето во филмскиот фестивал за млади „Џифони“ од кој најважна и најблагородна е едукативната мисија. Затоа исклучително се вложив во поддршката на фестивалот „Џифони Македонија“, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по средбата со Клаудио Губитози, уметнички директор на фестивалот „Џифони Иксуство“ (Giffoni Experience) во Италија.

Тој престојува во Скопје на 4. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ кој од 21-ви до 26 октомври се одржува во Младинскиот културен центар и во Кинотеката на Македонија.

На средбата разговарале за постигнатите резултати на „Џифони Македонија“ и за плановите за периодот 2017-2020 година.

Канческа-Милевска истакна дека за резултатите на „Џифони Македонија“ придонела поддршката и позитивна енергија на Губитози без која, како што рече, немало да случи обединување на огромен број млади луѓе од целиот свет.

– Оваа година има над 500 млади луѓе кои учествуваат во жирито на „Џифони Македонија“, не само од Македонија, туку и од многу други земји. Да вклучите огромен број млади луѓе од најраните години во филмската индустрија, поттикнувањето на креативноста и инвентивноста на најмладите во овој многу важен сектор значи многу, пред се во образованието. Тоа можевме да го видиме во овие четири години во Македонија, истакна Канческа-Милевска.

Директорот Губитози рече дека Македонјија има централно место на сите меѓународни настани на фестивалот „Џифони“ во овој дел од Европа.

– Настанот во Македонија е втор по значење од сите меѓународни настани што ние ги организираме. Ние немаме никаква заслуга за ова достигнување на Македонија – за тоа е заслужен исклучиво тимот на „Џифони Македонија“ кој одлично го организира овој фестивал. За тоа се заслужни младите кои учествуваат на фестивалот, со кои ние се гордееме. Ќе работиме да има се поголемо учество на деца и млади од повеќе држави. За наредната година планираме најмалку 20 држави да се вклучат во „Џифони Македонија“, рече Губитози.

Амбасадорот на Италија во Македонија Карло Ромео истакна дека „Џифони Македонија“ е конкретен пример за одличните односи и културна соработка меѓу Македонија и Италија.

– Се работи за одличен спој на италијанската фантазија и креативност и заложбите и амбицијата на македонскиот дел од организацијата. Од оваа соработка произлезе проект кој има светла иднина во наредните години, рече Ромео.

На 4. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ во официјалната селекција се 15 филма (по пет во категориите: Јуниори, Кадети и Сениори). Интернационалното жири на фестивалот годинава е составено од околу 550 деца и млади поделени во три старосни категории, а покрај од Македонија опфаќа и повеќе од 50 млади од Италија, Хрватска, Србија, Романија, Грузија, првпат од Азербејџан, САД, Велика Британија и од Албанија.

Со новата тригодишна спогодба потпишана оваа година со „Џифони Иксуство“ во Италија, на Агенцијата за филм на РМ и е доверено правото брендот и логото на „Џифони‘‘ на територијата на Република Македонија да продолжи да го користи до 31 декември 2018 година.

Изложба „Пикасо можеби јас“ изложба на уметникот Филип Фидановски

$
0
0

Изложба под наслов „Пикасо можеби јас“ од македонскиот уметник Филип Фидановски ќе биде отворена вечер во 20 часот во музејот на Град Скопје по повод 135 години од раѓањето на Пабло Пикасо, а под покровителство на амбасадата на Шпанија во Скопје.

Изложбата, која ќе може да се види до 7 ноември годинава, ја отвори шпанскиот амбасадор во Македонија Рамон Абароа Каранса.

На изложбата ќе бидат покажани 13 скулптури изработени во стандардна керамичка техника, енгоба и глазуре, печени на 1.100 целзиусови степени, како и една скулптура изработена во порцелан.

Филип Фидановски е роден во Скопје во 1977 година. Дипломира во 2002 година на одделот за керамика и магистрира во 2006 година на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија. Во периодот од 2003 – 2008 година работи како доцент на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2008 година е професор во Државното средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје.

Од 1995-2015 година учествува на 43 групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Белгија, Египет, а има и тринаесетина самостојни изложби. Учествува на голем број уметнички симпозиуми во Македонија и странство. Добитник е на трета награда за млад автор на Петтото интернационално биенале за керамика, Каиро, Египет (Бронзена плакета), награда за скулптура „Јордан Грабул“ на ДЛУМ, награда за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ – ДЛУМ.


Недела на шведски филмови во кино „Фросина“

$
0
0

Во организација на Амбасадата на Шведска во Македонија, во кино „Фросина“ од денеска до сабота ќе се прикажат девет филмови во рамки на Недела на шведски филм со СНОВЕ 3  Жените во филмот – програма за креативно поврзување.

Во текот на четирите дена ќе бидат прикажани седум долгометражни филмови и два кратки филма. Помеѓу двете проекции публиката ќе има можност да продискутира за филмот и други сродни прашања во живо со режисерките Керин Екберг, Кристина Линдстром,  продуцентката Лисаби Фридел, а  преку скајп и со режисерките Беата Горделер и Аманда Адолфсон.

Како дел од СНОВЕ 3 програмата, која е поддржана и од Шведскиот институт, гостите режисерки и продуцентки од Шведска деновиве ќе се сретнат со претставници на македонските институции и организации кои работат на полето на афирмација и продукција на филмската уметност.

– Оваа програма цели да ги прикаже и поддржи жените кои работат во филмската индустрија. Второто издание се случи лани во Стокхолм, каде од Македонија, како дел од СНОВЕ 2 програмата гости беа Лабина Митевска и Марија Џиџева, соопшти Амбасадата.

Изложба на Томе Манески во Музеј на Град Скопје

$
0
0

Во Музеј на Град Скопје вечер ќе биде отворена изложба на слики од Томе Манески, на која авторот ќе се претстави со над 25 дела од циклусот Организми, работени во последните години.

На сликите се претставени одредени форми – асоцијации на живи организми во нивниот развој, раѓање, раст и деструкција.

Според Манески, целта на овој циклус е да се поттикне младата популација да размислува за истражување на природата воопшто и заштита на видовите кои се пред исчезнување, како и на сите живи организми на планетата.

Манески (Прилеп, 1961) дипломирал на Факлутетот за ликовни уметности и графички дизајн при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1985 година, од кога е член и на  ДЛУМ.

Покрај со сликарство, активно се занимава со графички дизајн и илустрации за деца. Автор е на илустрации во повеќе сликовници за деца, енциклопедиски изданија, учебници, книги за деца, списанија…

„Бегемот“ распиша Конкурс за кратка проза: „Очудувања“

$
0
0

Издавачката куќа „Бегемот“ распиша Конкурс за кратка проза: „Очудувања“ на кој може да учествуваат сите дебитанти и искусни писатели од Македонија. Единствените услови на конкурсот се – да се поднесе кратка прозна книжевна форма и да биде напишана на македонски јазик.

Уметничката вредност на текстот ќе биде оценувана преку стилската оригиналност, креативноста на наративната стратегија и инвентивноста на односот кон темата. Нема ограничувања во однос на изборот на темата. Изборот на расказите го прави редакцијата на издавачката куќа.

– Целта на конкурсот е да им дадеме поддршка и публицитет на што поголем број квалитетни македонски писатели, но и да откриеме нови смели пера од Македонија, а потоа да им отвориме можности за учество во македонскиот и во меѓународниот книжевен свет, соопшти „Бегемот“.

Конкурсот ќе биде отворен во текот на целата година, а избраните раскази двапати годишно ќе бидат објавувани во дигитални збирки на веб-страницата на „Бегемот“, слободни за преземање и за читање. Електронските изданија ќе бидат непрофитабилни.

Заинтересирани кандидати треба да ги пратат текстовите на електронската адреса: andrej@begemot.mk.

Новиот број на „Стожер“ посветен на Крсте Петков Мисирков

$
0
0

Новиот, 123-ти број на „Стожер“ – книжевно гласило на Друштвото на писателите на Македонија, е посветен на делото на македонскиот национален и културен деец и лингвист Крсте Петков Мисирков.

Како што соопшти ДПМ, на воведно место на списанието е објавена студија на Георги Сталев со која Друштвото на писателите на Македонија ја одбележува 90-годишнината од смртта на Мисирков (1874-1926).

Георги Сталев укажува дека досега науката познава импресивна бројка од околу 60 трудови што излегле од перото на Крсте П. Мисирков, од кои дел се објавени во периодиката, дел во неговата позната книга „За македонцките работи“, а дел се зачувани во ракопис.

– Својот научен дискурс Крсте Мисирков го започнува со формулација и коментар за јазикот, укажувајќи на националната етика во врска со него, а одбраната на мајчиниот јазик ја поставува пред секого, и како право, и како долг. Притоа, секогаш ги има предвид пропагандите на соседните држави, осудувајќи ги методите на нивните машинерии во однос на македонскиот народ и на неговиот јазик, пишува, меѓу другото, Георги Сталев.

„Стожер“ донесува и стихови од Гане Тодоровски посветени на основоположникот на современиот македонски литературен јазик, со наслов „Крсте Мисирков по 1903 година“.

Во посебен оддел на „Стожер“ е презентирана песната „Полуостров од светлина“ од Иван Џепароски, годинашен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.

Во новиот број на „Стожер“ се објавени и прилози од Петре Димовски, Ефтим Клетников, Цане Андреевски, Јован Зивлак, Весна Мундишевска-Велјановска, Иван Антоновски, Ресул Шабани, Јован Стрезовски, Ленче Милошевска, Радослав Петковски, Панде Манојлов, Драгица Најческа, Славица Дабевска-Ќировска, Васил Куновски, Волче Наумчески, Трајче Кацаров и Василе Димески.

Покрај во печатена форма, „Стожер“ е достапен и на веб-страницата на ДПМ – www.dpm-pisateli.mk.

Фестивал на новиот германски филм во Кавадарци

$
0
0

Со проекција на „Мед во главата“ синоќа во Кавадарци почна тридневното прикажување на филмови од германската кинематографија, во рамки на 12. Фестивал на новиот германски филм.

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов рече дека кавадарчани имаат можност да се запознаат со германската култура.

– Преку германската култура да направиме уште еден чекор кон најпосакуваниот јазик во Тиквешијата, а тоа е германскиот, бидејќи знаете дека имаме неколку германски инвестиции, додаде Панов.

Тој нагласи дека Кавадарци ја има таа привилегија да биде еден од малкуте градови во Македонија, во кои се прикажуваат германските филмови.

Хелга Тајпл, раководител на Одделот за култура при Германската амбасада во Македонија изрази задоволство што со фестивалот на новиот германски филм повторно се во Кавадарци.

– Изгледавме многу фимови, во обид да ги избереме и прикажеме најдобрите. Во Македонија има многу филмски фестивали, особено се радувам што овој фестивал ќе им овозможи на луѓето да ги погледнат филмовите во оригинален јазик, затоа што овде има многу луѓе кои се интересираат за германскиот јазик и го изучуваат. Ова е убава можност малку да вежбаат, нагласи Тајпл. Упати благодарност до партнерите кои го поддржуваат фестивалот, германската банка Прокредит и културниот дом од Кавадарци.

За филмот „Мед во главата“ рече дека е еден од најгледаните во Германија и додаде оти минатата година го погледнале повеќе од 7,2 милиони луѓе.

На програмата се шест филмови. Следува прикажувањето на филмовите „За една девојка“, „Државата против Фриц Бауер“, „Куќата на крокодилите“, „Хердер – помеѓу два света“, „Тура на животот“. Влезот е слободен.

Viewing all 8033 articles
Browse latest View live


<script src="https://jsc.adskeeper.com/r/s/rssing.com.1596347.js" async> </script>