Quantcast
Channel: Култура –А1он
Viewing all 8033 articles
Browse latest View live

Пол Бити добитник на литературната награда „Мен Букер”

$
0
0

Американскиот писател Пол Бити ја доби годинешната литературната награда „Мен Букер” за својата книга „Распродажба” (The Sellout), која е негов четврти роман.

Победата на Бити претставува изненадување, бидејќи фаворит според букмејкерите беше книгата на Медлин Тиен „Не вели дека немаме ништо” (Do Not Say We Have Nothing).

Покрај низ за наградата беа номинирани и „Врело млеко” (Hot Milk) од Дебора Леви, „Ајлин” (Eileen) од Отеса Мошфег, „Се што мажот е” (All That Man Is) од Дејвид Сали и „Неговиот крвав проект” (His Bloody Poject) на Греам Макри Барнет.

Наградата „Букер” е востановена во 1969 година и традиционално се доделува во палатата Гилдхол во Лондон. Во 2002 организаторите како спонзор ја добија корпорацијата „Мeн груп”, со што наградата беше преименувана во „Мен Букер”. До 2014, за наградата можеа да конкурираат само автори од Велика Британија, Ирска и од земјите од Комонвелтот.

Ова е трета година откако конкурсот е отворен за писатели од целиот свет, но само за дела напишани на англиски јазик.

Наградата за лауреатот изнесува 50.000 британски фунти.


Промоција на српското издание на стихозборката „Јазичен триптихон“ на Славе Ѓорѓо Димоски во Белград

$
0
0

Викендов во рамки на Меѓународниот саем на книгата во Белград ќе биде промовирана книгата „Јазичен триптихон“ на охридскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски, препеана на српски јазик од Душко Новаковиќ.

Промоцијата на авторското дело на Димоски е закажано за в сабота од 14 часот, на штандот на издавачката куќа „Архипелаг“, додека промотори се Душко Новаковиќ и Гојко Божовиќ.

„Јазичен триптихон“ минатата година ја доби наградата „Ацо Шопов“, а наскоро ќе биде објавено и нејзиното бугарско, како и италијанско издание.

Инаку ова е четвртата книга на Димоски препеана на српски јазик. Претходно своите српски изданија ги имаа уште и неговите книги „Мерач на зборовите“ (Мерач речи), „Поле. Бојно поле?“ (Поље. Бојно поље?) и „Блиска врска“ (Блиска веза).

МКЦ ја соопшти музичката програма на годинашниот филмски фестивал „Синедејс“

$
0
0

Од 10-ти до 19 ноември ќе се одржува Фестивалот на европски филм „Синедејс“ (Cinedays) кој ќе има и музички дел со музички филмови (документарци), концерти, работилници и гости.

Златко Стевковски, директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), кој го организира фестивалот, денеска на прес-конференција најави богата  музичка програма (Cinemusic) во десетте фестивалски дена, која ќе почне на првиот ден (10 ноември) – со биографскиот филм „Miles Ahead“ за џез-музичарот Мајлс Дејвис во режија на Дон Чидл. Вечерта ќе продолжи во МКЦ со музика на Мајлс Дејвис на која диџеј ќе биде Оливер Белопета, директор на Скопскиот џез-фестивал.

Меѓу настаните во наредните денови од музичкиот дел на фестивалот се и проекциите на документарците  „The Beatles: Eight Days A Week“ на режисерот Рон Хауард и „Gimme Danger“  на Џим Џармуш, „Congo Beat The Drum“ (африканска вечер), премиера на „Лимуново дрво“ – документарец на Бранко Радаковиќ за првиот бенд на Милан Младеновиќ од „ЕКВ“, „Industrial Soundtrack For The Urban decay“, филмот за Дејвид Брн кој ќе го отвори Tribeca Film Festival…

По филмските проекции ќе има и музички вечери во МКЦ, кино „Фросина“. Филмската програма на „Синедејс“ ќе биде соопштена идната среда.

Заврши ревитализацијата на манастирскиот комплекс „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид

$
0
0

Со пригодна свеченост денеска беше одбележано завршувањето на седумгодишниот проект за конзервација и ревитализација на манастирскиот комплекс „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид.

Станува збор за исклучително важен проект спроведен со грант на Фондот за културна заштита на Амбасадата на САД, со кој е возобновен сјајот на еден од најзначајните средновековни споменици во Република Македонија, но и еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност во светски рамки.

Kонзерваторскиte зафати се изведени со највисоки конзерваторски стандарди и со примена на најсовремени техники и материјали. Поставен е и нов покрив, нов дренажен систем, заменeти дотраените градежни елементи, обновена фасадата, реставрирана камбанаријата, конаците и, што е можеби најважно – направена е конзервација на живописот во црквата.

Амбасадорот на САД Џес Бејли истакна дека овој проект е еден од најголемите и најважните од многуте слични зафати што САД преку својот Амбасадорски фонд ги спроведуваат во повеќе од 125 држави во светот.

– Мошне сме горди што на овој начин придонесуваме за зачувувањетро на ваквите богатства, за следните генерации да можат да уживаат во нивната убавина. САД во моментов поддржуваат 13 слични проекти од Гевгелија до Кокино, од Кратово до Тетово. Наша решеност е да и помагаме на Македонија во зачувувањето на извонредниот диверизитет на богатото културно наследство, и да придонесеме за негова промоција како светско културно богатство, истакна Бејли, заблагодарувајќи се на сите институции и поединци вклучени во овој проект.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска искажа задоволство што со воој прокет се реализираат заедничките заложби за сочувување на „Света Богородица Перивлепта“ како свето место длабоко впишано во македонската културна и духовна историја.

– Уверена сум дека овој манастирски комплекс од 13 век, кој е збогатен и со галеријата на непроценливите охридски икони од 11-ти до 19 век, ќе биде исклучителен придонес за промоцијата на нашето културно наследство, кое е еден од главните атрибути за препознатливост на Република Македонија во меѓународен контекст, рече Канческа-Милевска, истакнувајќи дека и во иднина ќе продолжи реализацијата на проекти за зачувување на непроценливото културно наследство на државата, на културниот развој и на туристичката промоција на Република Македонија.

Митрополитот Дебарско-кичевски, владиката Тимотеј, во име на верниците и свештенството се заблагодари за донацијата на американскиот народ за заштитата на црквата „Света Богородица Перивлепта“, за изведените археолошки, архитектонски и конзерваторски зафати и делумно изградбата на помошниот објект.

– Со овој потфат го оставаме храмот на идните наши пооколенија и потврдуваме дека сме народ кој знае да цени, вреднува и заштитува секакво општо културно благо кое припаѓа на македонскиот народ и на севкупната светска културна јавност, рече владиката Тимотеј.

Проектот за конзервација и ревитализација на храмот „Света Богородица Перивлепта“ и придружните објекти во рамки на комплексот се спроведуваше изминатите седум години, со финансиска помош на Амбасадата на САД во висина од 650 илјади долари.

Во комлексниот и сложен процес на презервација беа седумдесетина стручни лица од Завод и Музеј Охрид и од Националниот конзерваторски центар од Скопје, со стручна поддршка од странски експерти предложени од УНЕСКО и Советот на Европа.

Орден за заслуги за Македонија за Драмски театар –Скопје

$
0
0

По повод 70 години од основањето и  успешното презентирање, промовирање и негување на македонското и светското драмско творештво, претседателот Ѓорге Иванов денеска го одликува Драмскиот театар – Скопје со признанието „Орден за заслуги за Македонија“.

Претседателот Иванов на одликувањето рече дека театарот е простор каде што можеме да ги вклучиме нашите сетила, и како ниту еден друг уметнички медиум нуди топлина, блискост и очовечување.

– Орденот за заслуги за Македонија се доделува на една од нашите најреномирани театарски и воопшто културни институции. Во изминатите седум децении на сцената на Драмскиот театар Скопје израснаа генерации и генерации кои учеа за етичкото и естетското, кои се спознаваа себеси и светот, го осознаваа и почитуваа животот. Тој процес не смее да запре, рече Иванов.

Ова е извонредна можност, продолжи Иванов, да им се заблагодариме на сите генерации членови на Драмскиот театар Скопје, кои во изминатите години на сцената и зад неа создаваа театарска магија која ги облагородуваше и исполнуваше посетителите на нивните претстави и изрази уверување дека Орденот ќе биде уште еден поттик за нови сценски подвизи, нови естетики и освојување нова публика.

Директорот на Драмски театар Скопје Роберт Вељановски рече дека претставува чест од рацете на таткото на нацијата, а во име на колективот на Националната установа Драмски театар Скопје да го прими ова големо признание.

– Една од најголемите театарски вистини е дека театарот единствено опстојува само од и за доделениот аплауз по завршувањето на претставата. Но, кога валоризацијата на вредноста и значењето доаѓа од името на највисоките државни органи, што значи дека Драмскиот театар Скопје вградил една исклучително значајна нишка во постоењето, развојот и растежот на нашата татковина, рече Вељановски.

Истакна дека од формирањето на Драмскиот театар Скопје досега се реализирани 130 премиери на домашни драмски текстови кои ги следеле над четири милиони гледачи.

Драмскиот театар Скопје започнува на 21 април 1946 година со првата куклена претстава „Силјан штркот“ работена според народна приказна. На 10 јануари 1958 година со првата жива претстава „Принцот и просјакот“ од Марк Твен и Сергеј Михалков се создава Младинско-детскиот театар. Во 1967 година театарот го добива името Драмски театар Скопје.

Кинотеката ќе го одбележи Денот на аудиовизуелното наследство

$
0
0

Со репрезентативен избор од значајни македонски филмски остварувања чии сценаристи се познати книжевници, Кинотеката на Македонија ќе го одбележи Денот на аудиовизуленото наследство – 27 Октомври. Годинава тема на одбележувањето е „Нашата приказна – да не ја загубиме“.

Проекциите на седум кратки документарни филмови  ќе бидат одржани во кинотечното кино, со почеток во 12 часот. Ќе бидат прикажани филмовите: „Птиците доаѓаат“ во режија на Бранко Ивановски-Гапо по сценарио на Славко Јаневски, „Изморениот патник“  во режија на Благоја Дрнков по сценарио на Коле Чашуле, „Додека владееше оризот“ во режија на Трајче Попов по сценарио на Бошко Смаќоски, „Последни номади“ во режија на Бранко Ивановски-Гапо по сценарио на Влада Урошевиќ, „Вирово“  на Мето Петровски по сценарио на Петре М. Андреевски, „По пат одам, за пат прашам“ на Бранко Ивановски-Гапо по сценарио на Петар Т. Бошковски и „Поле“ на Мето Петровски по сценарио на Живко Чинго.

Кинотеката наведува дека покрај овие филмови (кои се снимени во 1950-тите, 1960-тите и 1970-тите години), и во современата македонска кинематографија значаен дел од успешните филмски остварувања се направени според сценарија на познати македонски книжевници.

Како примери ги посочува Венко Андоновски – сценарист на играниот филм „Превртено“ во режија на Игор Иванов-Изи, и Александар Прокопиев – сценарист на краткиот анимирано-игран филм „Кружното патување на Марето“ во режија на Жарко Иванов.

Пијанистката Тамара Стефановиќ –солист на концертот на Филхармонија

$
0
0

На симфонискиот концерт на Македонската филхармонија насловен „Рапсодија“ вечер ќе настапи српската пијанистка со светска кариера Тамара Стефановиќ. За концертот беше најавен пијанистот Лукаш Вондрачек, но поради болест тој го откажа гостувањето во Скопје.

Пијанистката Тамара Стефановиќ, која настапува во сите прстижни концертни сали во светот, соработувајќи со врвни диригенти како Еса-Пека Салонен и Владимир Ашкенази, ќе го изведе атрактивниот Концерт за пијано бр. 21 од Моцарт.

На програмата на концертот се и Увертира од операта „Руслан и Људмила“ од Михаил Глинка, како и Првата симфонија од Дмитри Шостакович, дело со кое рускиот композитор станал популарен надвор од неговата земја.

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапи под диригентската палка на Јерухам Шаровски од Израел. 

Изложба на плакати од Полската школа

$
0
0

Во фоајето на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“  вечер ќе биде отворена изложбата „Полската школа на плакат“ на која ќе бидат претставени плакати од еминентни полски уметници. Изложбата е во организација на Музејот „Д-р Никола Незлобински“, а е дел од проектот „Музеум линк“ на Музејот на Град Скопје и мрежа од 18 музеи.

Ќе бидат изложени различни плакати направени од неколку генерации полски графички уметници вклучувајќи ги мајсторите на полската постерска уметност меѓу кои се Леница, Мајевски, Млодожењец, Старовјејски, Швиежи и Томашевски. Изложените плакати ќе бидат надоплнети со мисли од авторите и биографии на дополнителни паноа од форекс

Првите полски плакати се појавуваат во Краков во 1890 годинa под влијание на Француските уметници и веднаш стануваат многу популарни. Меѓу првите уметници на Полскиот плакат се истакнуваат: Станислав Виспански, Јулиус Косак, Теодор Аксентович, Пиотр Стакиевич.


Романот „Дваесет и првиот“ на шест арапски саеми на книгата

$
0
0

Арапскиот превод на македонскиот роман „Дваесет и првиот“ од Томислав Османли во издание на „Ал Араби“ ќе учествува на шест арапски саеми на книгата и ќе биде претставен на фестивалите на книгата во Алжир, Обединетата Арапска Република, Саудиска Арабија, Судан, Кувајт, Египет и Мароко.

Книгата е веќе испратена на Самот на книгата во Шарџа, Обединети Арапски Емирати, на манифестацијата „Салон ду Ливре“ која се одржува во Алжир, потоа на Картумскиот саем на книгата во Судан и на фестивалот на книгата во Кувајт, како и на Саемот на книгата во Џеда, Саудиска Арабија.

Според најавата на издавачот на арапскиот превод, „Дваесет и првиот“ ќе биде презентиран и на Каирскиот саем на книгата, како и на мароканскиот Саем на книгата во Казабланка.

По двете македонски изданија, овој роман на Османли досега беше објавен во Хрватска, Црна Гора, Србија, Русија и неодамна во Египет.

Покрај печатеното издание, книгата на македонскиот автор ќе има и свое електронско издание на арапски јазик, исто така под знакот на големиот египетски и арапски издавач „Ал Араби“.

Одбележување 100 години од раѓањето на писателот Васил Куноски

$
0
0

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ денеска ќе одбележи 100 години од раѓањето на основоложникот на современата македонска поезија за деца Васил Куноски.

На одбележувањето во спомен-собрата на Миладиновци, беседа за Куноски ќе одржи проф.д-р Кристина Николовска.

Васил  Куноски е роден на 20 ноември 1916 година во Дебар. Автор е на голем број книги за деца и добитник на повеќе книжевни награди. Преведуван е на неколку странски јазици. Починал во Скопје на 13 јуни 1993 година.

Претставници од кумановскиот музеј во посета на Универзитетот Оксфорд

$
0
0

На покана на факултетот за класични студии на Оксфордскиот Универзитет, во Центарот за класични и византиски студии од 18 до 21 октомври во студиска посета престојуваа стручни лица од кумановскиот музеј, соопштија денеска надлежните од установата.

Во рамки на посетата предавање од областа на византиската арехеологија и уметност одржа археологот од Музеј Куманово Дејан Ѓорѓиевски.

– Во рамки на меѓународниот проект на истражување на локалитетот Костоперска Карпа, пак, одржавме работен состанок и ги прецизиравме насоките согласно кои ќе продолжат истражувањата за локелитеттот Костопоерска Карпа, изјави Дејан Ѓорѓиевски археолог од кумановскиот музеј.

Посетата на Оксфордскиот Универзитет се одржа на иницијатива на професор Ине Јакобс од University College – Оксфорд.

– На предавањето беа соопштени резултати од сопствените истражувања на археологот на кумановскиот музеј, а се однесуваат на ретки претстави на светители претставени на предмети од слонова коска и на една фреска од Македонија, изјави денеска директорката на музејот Анита Цветановска.

Во рамките на посетата, директорот на музејот и раководителот на проектот од македонска страна оствариле средби со партнерите од англиските универзитети, на кои биле прецизирани и плановите за натамошна соработка помеѓу институциите.

Воедно, од НУ Музеј била остварена и средба со директорот на античкиот оддел на Ashmolean Museum – др. Пол Робертс, на која била изразена иницијатива за меѓусебна соработка помеѓу институциите.

– На крајот беше заеднички заклучено дека ваквиот тип на соработка на Музејот Куманово со најдобрите светски универзитети и музеи претставува извонреден импулс за подготвување на нови проекти и афирмирање на македонската научна јавност во светски рамки, изјави Цветановска.

Кумановскиот музеј веќе трета година го истражува локалитетот „Костоперска карпа“ во соработка со археолози од овој универзитет, а пред две години музејот потпиша договор со три универзитети од Велика Британија, Оксфорд, Сауттемптон и Единбург. На истражувањата беа постигнати значителни резултати и беа применети мерки коишто дотогаш не беа применети во истражувањата. Посетата е финансиски поддржана од Министерството за култура и помогната од Фондацијата Кирил Трајковски.

Изложба на карикатури и концерт на ансамблот „Серенада” во Домот на култура „Илинден“

$
0
0

Изложба на карикатури кои се дел од светскиот Фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“, што традиционално секоја година го организира Домот на култура „Тошо Арсов“ од Виница, отворена е во Домот на култура „Илинден“ во општина Илинден.

Изложбата, како што соопшти општина Илинден, ја отворија академскиот сликар Новица Трајковски и директорот на Домот на култура „Тошо Арсов“, Славчо Данев.

На изложбата се претставени 50-на карикатури на познати светски автори, а меѓу нив и првонаградената на фестивалот во Виница, чиј автор е Клаус Питер од Австрија.

Вечерта беше збогатена со концерт на ансамблот за староградски песни „Серенада”, кој веќе осум години функционира при Домот на култура „Тошо Арсов” во Виница, а е составен од академски музичари и музичари аматери.

На присутните во Домот на култура „Илинден“ тие им се претставија со староградски песни од повеќе краеви на Македонија, со посебен акцент на виничкото староградско наследство.

Како вовед во концертот на „Серенада“, со сплет од повеќе ора настапија младите играорци од Ансамблот за народни песни и игри „Илинден“.

Изложбата ќе биде отворена до 2-ри ноември годинава.

Богата програма за 17. Есенски музички свечености

$
0
0

Богата и разновидна програма со изведби на класична музика, џез се до фолклорни звуци во изведба на еминентни домашни уметници и гости од странство ќе понудат 17. Есенски музички свечености што од 2 до 30 ноември ќе се одржат во организација на Дирекцијата за култура и уметност  на Скопје.

Како што информираа организаторите на денешната прес-конференција, манифестацијата ќе биде отворена на 2 ноември со Гала оперски концерт во Македонската опера и балет посветен на јубилејот 50 години уметничка дејност на маестро Томислав Шопов. Шопов диригирал преку 1.000 оперски и балетски претстави, симфониски и гала оперски концерти во и надвор од земјата и се смета дека има огромен придонес во афирмацијата на аматерските, пред се хорски ансамбли. На Гала концертот покрај солистите, оркестарот и хорот при МОБ ќе настапат и академскиот хор „Мирче Ацев“, Камерниот хор „Франце Прешерн“ и камерниот хор „Моис Хасон“ при ЕЗРМ-Скопје.

Меѓународно реномираната Карсу Донмез, вокалиста и пијаниста од Холандија со турско потекло ќе настапи на 4 ноември во Домот на АРМ. Донмез се смета за една од 10-те највлијателни турски имиња во последните 50 години. Нејзината музика го отсликува нејзиното мултикултурно потекло и е мешавина од различни жанрови – џез, фанк, блуз и реге. Настапувала на некои од најзначајните музички сцени во светот, а оваа година е добитник на една од најпрестижните музички награди Едисон џез/свет во Холандија. Донмаз, чиј настап во Скопје е овозможен од Турскиот културен центар „Јунус Емре“, ќе одржи концерт и во Битола.

Џез триото на Артур Дуткиевич од Полска концерт ќе одржи на 12 ноември во Домот на АРМ. Се смета за едно од водечките џез групи во Полска, а Артур Дуткиевич за еден од најголемите полски џез пијанисти и композитори. Триото исполнува модерен џез и има богата концертна активност низ Европа, во САД, Азија, до Австралија и Нов Зелан. Настапувале на бројни џез и музички фестивали, а концертот во Скопје е овозможен во соработка со Амбасадата на Полска во Македонија.

На 14 ноември ќе се одржи концерт по повод 135 години од раѓањето на унгарскиот композитор Бела Барток на кој негови дела ќе бидат изведени од македонски пијанисти. Според заменик амбасадорот на Унгарија Ѓулаз Сомоди, настапот е поддржан од Амбасадата на Унгарија, која во чест на годишнината на Барток ќе приреди и изложба за Барток, а ќе додели и ЦД-а и партитури со негови композии на релевантни институции.

Инаку, на програмата на Есенските музички свечености МОБ е застапена и со уште неколку концерти и изведи кои ќе одбележат значајни јубилеи. На 22 ноември ќе се одржи концерт во чест на Георги Божиков (1931 – 1986) по повод 30 години од смртта на овој истакнат солист првенец на Македонската опера. Концертот е дел од програмата на Собранието на РМ за одбележување на значајни настани и личности, а ќе биде придружен со изложба за Божиков и промоција на монографија насловена „Жоро“ од Снежана Анастасова Чадиковска.

Публиката ќе има можност да ја проследи и светската премиера на балетската претстава „Клеопатра“ со која примабалерината на Македонскиот балет Александра Мијалкова ќе означи 25 години уметничка дејност. Претставата се најавува како спектакл, а ќе настапат и солисти и ансамблот при Балетот како и оркестарот на МОБ.

Во рамки на „Есенски музички свечености“ во чест на бардовите на македонската изворна песна – Васка Илиева, Никола Бадев и Александар Сариевски и Кочо Петровски ансамблот за народни игри и песни „Танец“ ќе одржи концерт на 11 ноември во Македонскиот народен театар. Пред публиката ќе биде презентирана и книга од Роска Бадева посветена на овие легенди на македонската песна.

Есенските музички свечности ќе бидат затворени на 30 ноември со концертот насловен „Мојот музички пат“ посветен на 30-годишнината од уметничката дејност на флејтистот Страшо Темков.

Програмата за 17. Есенски музички свечености е поддржана од Градот Скопје и Министерството за култура. Сите настапи се со почеток во 20 часот.

Чествување на Васил Куноски

$
0
0

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје денеска во спомен собата на Миладиновци одржа Чествување на основоположникот на современата македонска поезија за деца Васил Куноски по повод 100 години од неговото раѓање.

Беседа за Куноски одржа професорката Кристина Николовска, а песни од неговите дела читаа ученици од шесто одделение од училиштето „Коле Неделковски“.

Куноски, според Николовска има значајно место во македонската историја на литература. Тој заедно со Ванчо Николески, Славко Јаневски и Бојаџиски се основоположниците на македонската литература за деца.

– Со тоа тој е еден од столбовите на не само овој вид литература, туку и на современата македонска поезија. Но и далеку повеќе од тоа. Тој е, не само бард на жанрот поезија за деца, туку е и генератор на новиот духовен подем на нашето литературно описменување преку нова авторска оргинална литература, мобилизатор на новата енергија, миленик на широката и искрена детска публика, истакна Николовска.

Таа нагласи дека нема поголем синоним за лектира од Васил Куноски.

– Зборот лектира значи одбрана литература што треба да се прочита за определен период. Васил Куноски е синоним за лектира. Нема современик што не растел без неговите дела. Нема никој што незнае барем стих од неговата поезија, рече Николовска и додаде дека лектирата на Куноски не се сфаќа како нешто задолжително туку како нешто интересно, живо, оргинално, ведро и весело.

За поезијата на Куноски, Николовска рече дека таа има висока автентичност и дека како таква е препознатлива. – Пристапна кон детската публика, јасна и речиси идеална за почетничко литературно и јазично описменување и култивирање на најмладите, додаде таа.
Васил  Куноски е роден на 20 ноември 1916 година во Дебар. Автор е на голем број книги за деца и добитник на повеќе книжевни награди. Преведуван е на неколку странски јазици. Починал во Скопје на 13 јуни 1993 година.

Промовиран романот „Една мала сага“ на публицистот Бесник Мустафај

$
0
0

Во организација на локалната власт на Дебар денеска беше промовинаран романот „Една мала сага“ на авторот Бесник Мустафај, познат политичар и публицист од Република Албанија и поранешен шеф на албанската дипломатија.

На промоцијата, што се одржа во просториите на општината, градоначалникот Ружди Љата меѓу другото рече дека романот на Мустафај зазема значајно место во неговото богато творештво.

– Мустафај има посебно место и улога во албанската литература и разбирливо и во политичкиот живот во сеалбанските простори. Промоцијата на оваа книга е потврда за почитта што авторот ја има кон Дебар и дебарчани, рече Љата.

Според уредникот на книгата, Хашим Бафтјари, романот претставува вистинска сага за она што се случувало по познатите, по својата бруталност затвори во Албанија, за страдањата на лицата кои биле во нив, за оние кои работеле во нив, за оние кои биле дел од тоа време и семејствата на затворениците.

– Се обидов преку пишаниот збор да ги отсликам голготата и страдањата на затворениците, нивните семејства, состојбите во затворите во Албанија, каде системите се менувале а затворите остамнувале исти, без оглед дали бил на власт кралот Ахмет Зогу или Енвер Хоџа, рече авторот, додавајќи дека негова голема желба била книгата да ја промовира во Дебар.

На промоцијата зборуваше и Емин Аземи, кој посебно го нагласи фактот што романот е многу читан во Германија, а присуствуваше и лидерот на ДУИ Али Ахмети.


Промоција на антологија на современи македонски поетеси

$
0
0

Антологија на современи македонски поетеси „Ова е моето последно молчење“ со поднаслов „Панорама на актуелни современи македонски поетеси“ ќе биде промовирана вечер во „Јавна соба“, во рамки на Фестивалот на европската книжевност „BookStar“.

Во книгата се претставени современите македонски поетеси кои активно творат од почетокот на новиот век. Станува збор за панорамски преглед со избор од неколку песни што најдобро ќе го претстават личниот севкупен поетски печат на авторките, од поетеси од различни генерации, активни на сцената со по неколку објавени авторски книги поезија на македонски јазик.

Приредувачки на книгата се Елена Пренџова и Оливера Доцевска, а ќе ја промовира Весна Мојсова-Чепишевска.

Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Промоција на стихозбирката „Божилак на исконот“ на Димкоски во Белград

$
0
0

Македонскиот поет Филип Димкоски вечер  во билиотеката „Милутин Бојиќ“ во Белград ќе го претстави српското издание на стихозбирката „Божилак на исконот“.

За книгата ќе говори поетесата  Снежана Алексиќ-Станојловиќ која е и рецензент на книгата, а промоцијата ќе ја води авторката Марија Лесан.

Книгата „Дуга искона“ е објавена пролетва и промовирана во Нови Сад во рамките на Меѓународната уметничка колонија „Панонски бисери“ во организација на Сојузот на книжевници СКОР, каде од неодамна член е и Димкоски.

Филип Димкоски  во Белград ќе присуствува и на 61. Меѓународен саем на книгата каде ќе ја претстави „Дуга искона“.

Меѓународен научен собир „Милениумското зрачење на св. Климент Охридски“

$
0
0

Меѓународен научен собир „Милениумското зрачење на св. Климент Охридски“ денеска и утре организира Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

На отворањето е најавено поздравно обраќање на претседателот на МАНУ Таки Фити и пленарни реферати на академиците Георги Старделов, Блаже Ристовски и Цветан Грозданов.

Предвидени се две работни сесии „Книжевност, јазик и литература“ и „Историја, теологија, археологија и историја на уметноста“.

На научниот собир ќе учествуваат научни работници од Македонија и научници од Руската Федерација, Чешка Република, Словачка Република, Украина, Република Литванија и Република Бугарија.

Концерт „Vive la France“ во МОБ

$
0
0

Во фоајето на Македонската опера и балет вечер ќе се одржан концерт насловен Vivе la France.

Ќе настапат првенците на МОБ Весна Ѓиновска- Илкова – сопран, Борис Трајанов- баритон и Ѓорѓи Цуцковски – тенор. Тие ќе бидат придружувани од оркестарот на МОБ.

Концерт мајстор е Климент Тодороски, режисер Дејан Прошев и диригент Бисера Чадловска.

Изложба за Кокино и промоција на поетски избор од македонски автори

$
0
0

Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија вечер ќе биде домаќин на два културни настана – на фотографска изложба „Кокино – мистичен шепот низ вечноста“ од авторот Љупчо Илиевски, а по нејзиното отворање ќе биде промовирана книгата „Портал на Сонцето” од бугарскиот поет и преведувач Роман Кисјов.

Изложбата на фотографии посветени на Кокино од познатиот македонски фотограф и снимател Љупчо Илиевски низ 30 фотографии ќе го претстави авторското видување на овој наш познат археолошки локалитет и светски позната мегалитска опсерваторија. Изложбата е веќе претставена во повеќе градови во Македонија, а има гостувано  во Крањ и во Белград.

Во вториот дел од програмата ќе биде претставен обемниот поетски избор од современи поети од Република Македонија, во избор и превод на Роман Кисјов.

– Преку 385 песни од 42 значајни поетски имиња од сите генерации се застапени во неодамна издадената книга во Бугарија, со наслов „Портал на Сонцето”. Насловот на книгата е инспириран од истоимената песна на Биљана Станковска, посветена токму на Кокино и преведена и застапена во овој обемен книжевен труд, соопшти КИЦ на РМ во Софија.

За делото на Кисјов ќе зборува и Мартин Христов од бугарското книгоиздателство „Ерго”, а се очекува и присуство на неколкумина познати македонски писатели. Стихови, во придружба на гитара, ќе интерпретираат Ѓорги Георгиев-Антика и Тодор Тодоров. На двата настана ќе се обрати директорот на КИЦ на РМ во Софија Васко Шутаров.

Гостувањето на изложбата посветена на Кокино во Софија, како и преводот на книгата „Портал на Сонцето”,  финансиски се поддржани од македонското Министерство за култура.

Viewing all 8033 articles
Browse latest View live


<script src="https://jsc.adskeeper.com/r/s/rssing.com.1596347.js" async> </script>